Младите интегрирано делуваат локално: Започна циклусот на младински дебати

2861
На почетокот на март, започна циклусот на 9 младински дебати Youth Talks организирани во соработка со Младински образовен форум, како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Под мотото „Младите интегрирано делуваат локално“, првата младинска дебата се одржа во средното училиште „Перо Наков“ во Куманово, на 6 март 2018 година. За време на дебатата, повеќе од 50 учесници од пет училишта од општината дискутираа како заеднички може да ги идентификуваат, но и надминат предизвиците со кои се соочуваат во својата заедница.

Досега не сум учествувал на настани каде што можам јавно да ги дискутирам моите ставови за важни младински прашања. Оваа дебата ме поттикна да размислувам како лично можам да придонесам за подобра интеграција во мојата заедница“, изјави еден од учесниците. Средношколците истакнаа и дека ваквите настани се одличен чекор кон идни заеднички иницијативни преку кои тие би можеле да придонесат и за подобро младинско учество во заедницата.

Во претстојниот период, тие ќе имаат средба со градоначалникот на Општина Куманово и ќе ги споделат клучните препораки што произлегоа од дискусијата. Во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, ќе се организираат уште 8 младински дебати во пилот општините на проектот.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.