Младинско учество, учење и дружење за време на летниот камп во рамки на Центарот за фузија на идеи

273
Од 4 до 6 јули, 2022 година, се реализираше летниот камп во рамки на Центарот за фузија на идеи во хотел Белви – Метропол, Охрид. Центарот за фузија на идеи претставува неформална младинска група во која високо-мотивирани ученици, членови на ученичките парламенти во училиштата, учествуваат во развивање и спроведување на креативни идеи за подобрување на состојбата во нивната околина.

За време на кампот, над 50 ученици (меѓу кои и ученици-активисти на Црвениот крст на Град Скопје) кои учат на различни наставни јазици имаа можност да се стекнат со нови знаења преку низа активности за поттикнување креативно размислување, младинско учество и јавно говорење.

Кампот овозможи поврзување на ученици кои беа дел од Центарот за фузија на идеи во текот на 2021/2022 година и нови ученици од истите училишта. Учениците размислуваа и дискутираа за креативни решенија на проблеми кои ги имаат утврдено во својата околина и работеа на јавно презентирање на истите. Дополнително, учениците имаа шанса да слушнат инспиративни приказни за мали проекти реализирани во рамки на ПХВ (Промоција на хумани вредности) програмата на Црвен крст.

Со поддршка од училишните координатори, учениците беа дел и од младинска акција, односно подготвија пакетчиња со симболични подароци (кутии за лекови и освежување) за пациентите во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања ,,Свети Стефан” во Охрид. Откако се подготвија 50 пакетчиња од страна на сите учесници на кампот, секој ученик напиша порака со добри мисли и група ученици ги достави пакетчињата до пациентите во болницата, посакувајќи им брзо опоравување.

Во текот на кампот, координатори (наставници или претставници од стручна служба) од секое училиште се вклучија во активностите, со цел да се поттикне и овозможи идна поддршка на ученички иницијативи во рамки на овие училишта.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.