На 7 јуни 2022 година, се реализираа активности за промоција на младинската акција и иницијатива на учениците од основните училишта „Христијан Тодоровски Карпош“, „Христијан Карпош“ и „Светозар Марковиќ“ од Старо Нагоричане. Активностите беа поддржани од Општина Старо Нагоричане и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во партнерство со Младински образовен форум.

Младинската акција е резултат на онлајн работилници и средби преку кои учениците иницираа уредување и разубавување на паркот во непосредна близина на училиштето „Христијан Карпош“ од с. Младо Нагоричане. На промотивниот настан учениците се вклучија во дополнителни активности, сите заедно фарбаа голови, играа игри и ги прославуваа своите успеси.

Исто така, се одржа промотивен настан по повод реновирањето на спортската сала за учениците од пониските одделенија во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ од с. Драгоманце. Со финансиска поддршка од Европската команда на САД (ЕУКОМ) дел од училишната зграда комплетно беше реновиран и адаптиран во спортска сала со што околу 65 ученици имаат поубав простор за спортување и дружење.
Во реновирањето на спортската сала, учеството на училиштето и општината во трошоците за реновирање изнесува околу 30%.

За време на настанот, младите од различни етнички заедници учествуваа во многубројни спортски активности во салата и беа дел од работилница во рамки на отворениот ден за граѓанско образование.


Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.