Младинска акција за заштита на околината и подигнување на свеста за физичка активност

323
На 12 мај 2022 година, учениците од Аеродром организираа младинска акција, поддржана од Општина Аеродром и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието во соработка со Младински образовен форум. Учениците од основните училишта „Гоце Делчев“, „Блаже Конески” и „Ѓорѓија Пулевски“ се собраа на спортското игралиште во Долно Лисиче и заедно учествуваа во повеќе активности.

Дел од нив играа кошарка на реновираното игралиште, додека останатите садеа дрвја во паркот и возеа велосипеди. На овој начин, учениците придонесоа за заштита на животната средина и ја подигнаа свеста за потребата од поголема физичка активност.

„Многу сме среќни што сме денеска овде и што успеавме ние како млади да придонесеме со нешто во општеството. Се дружевме, дадовме свои мислења, работевме и придонесовме ова игралиште да изгледа поубаво“, велат учениците.

За време на акцијата, им се придружи Дон Кармин, директорката на Канцеларијата за развој на УСАИД во Северна Македонија, која разговараше со младите за тоа што научиле за време на планирањето и спроведувањето на акцијата и ја истакна важноста од поттикнување на младински активизам за позитивни промени во заедницата.

„Многу сме среќни што соработуваме со општини, училишта, заедници и најважно, со младите за да се остварат вакви иницијативи кои поттекнуваат од младите и со кои се создаваат прекрасни места и можности. Ова беше еден многу инспиративен ден и многу беше убаво да се видат сите ученици заедно прславувајќи ги нивните успеси заедно со претставници од училиштата, општината и целата заедница“, вели Дон.

Таа се сретна и со Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и претставници од општината и училиштата со кои дискутираше за тоа како ќе продолжат да ги поддржуваат младите и нивните иницијативи.

Акцијата е резултат од онлајн работилници на кои учествуваа учениците во изминатиот период на коишто ги идентификуваа предизвиците и можните решенија за подобрување на состојбата во нивната општина. Преку онлајн средби за застапување, тие соработуваа и со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка. Така учениците успеаја да ги реализираат нивните идеи, истакнувајќи ја важноста на младинскиот активизам.

И во наредниот период ќе се организираат младински акции во повеќе општини низ државата.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.