На почетокот на јуни, 2019 година, триесетина ученици од основните училишта од Општина Бутел организираа младинска акција во Градскиот парк во Скопје. Учениците поставија табли со пораки на неколку локации во паркот, а според младите, истите ќе придонесат за подигнување на свеста за зачувување на животната средина и штетните последици од несовесното фрлање отпадоци во езерцата и на тревните површини во паркот, но истовремено и ќе ги поттикнуваат посетителите од различни етнички заедници, особено најмладите, заедно да се рекреираат во паркот почитувајќи се меѓусебно.
Раководителот на Секторот за образование при Град Скопје, Даниела Адамова, им се придружи на младите за време на иницијативата и истакна дека Град Скопје ќе продолжи и понатаму да посветува огромно внимание и да има слух за потребите на младите. Таа ја потенцираше и неопходноста од соработка помеѓу институциите и граѓанскиот сектор за постигнување на позитивни и долгорочни промени.
Оваа иницијатива е финален производ од долгорочниот процес во којшто учествуваа учениците во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, со поддршка од Град Скопје, организирани во соработка со Младински образовен форум. На почетокот на септември, 2018 година, учениците од различни етнички заедници заедно го прославија Меѓународниот ден на мирот во Градскиот Парк во Скопје, при што идентификуваа и неколку недостатоци во паркот.
Потоа учениците даваа и конкретни предлози за решавање на недостатоците, за време на работилница за критичко размислување, аргументирано говорење и ученички иницијативи организирана во октомври, 2018 година. Со цел да ги пренесат своите идеи и иницијативи на одговорните институции, младите се сретнаа со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на почетокот на февруари, 2019 година и му врачија писмо со конкретни препораки.
Во текот на следната учебна година, Град Скопје во соработка со Проектот ќе поддржи уште најмалку две младински иницијативи, а ќе продолжи и да им дава поддршка на училиштата да организираат активности за подобрување на интеграцијата меѓу младите од различни етнички заедници и зајакнување на граѓанските вредности кај нив.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.