Меѓуетничка интеграција во училиштата – поттик за интеграција во општините

2707
Во основното училиште „Панајот Гиновски“ од Бутел наставата се одвива на македонски и албански јазик. Учениците кои ја следат наставата на различни наставници јазици ретко имаат можност да се запознаат меѓусебно за време на часовите. Со цел да се овозможи тие повеќе да се дружат, во училиштето се формираше секција во која заедно учествуваат ученици кои учат на двата наставни јазици, во рамки на  Проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“ поддржан од Детската Фондација Песталоци.

Од почетокот на оваа учебна година, триесетина ученици од различни етнички заедници секоја недела се дружат во секцијата „Мускетари на науката“ и учат за изворите на енергија, инженерството и роботиката. Во текот на првото полугодие, заедно изработија робот, а во второто полугодие активно работат на макета на струјно коло.

„Успавме да направивме робот. Првично сите заедно направивме скица како треба да изгледа, па после во групи поделени ги сечевме сите делови, па после ги соединувавме за на крај добро да функционира“, рече еден од учениците, потенцирајќи дека секцијата овозможува младите од различни етнички заедници постојано да соработуваат.

Покрај градење на тимски дух, преку секцијата, наставниците ја поддржуваат детската љубопитност и го поттикнуваат нивниот творечки потенцијал. Основците постојано изработуваат нови креативни продукти, неретко и со поддршка од нивните родители.

„Интересно ми е затоа што запознав многу други деца, нови другари. Исто така, активностите се многу креативни и не се како во училиште, туку сме многу слободни и ја истакнуваме нашата креативност“, додаде друг учесник во секцијата.

Оваа учебна година, преку Проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“ заеднички секции се поддржани во 27 училишта, опфаќајќи повеќе од 2700 ученици. Целта на проектот е да се подобри меѓуетничката интеграција во образованието преку спроведување на наставни и воннаставни активности со ученици од различни етнички заедници, и на тој начин да се придонесе за зајакнувањето на мултиетничката соработка во општините.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП). Главна цел на проектот е да ја зголеми меѓуетничката интеграција во општеството, промовирајќи мултикултурализам и активно вклучувајќи ги учениците од различна етничка припадност во разновидни активности.