Во текот на месец јуни, Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) слави 17 години од своето постоење. Овие години беа исполнети со постојана работа кон постигнување на демократски промени во општеството и подобрување на образованието во областите за граѓанско образование, меѓуетничка интеграција, инклузија, младинско учество, децентрализација, средно стручно образование, математичка и јазична писменост, реновирање на училишта, донации на наставни нагледни средства, градење на капацитети на училишниот кадар, општините и многу други. На овој роденден, со особено задоволство сакаме да се навратиме на сето тоа.

МЦГО соработуваше со сите основни и средни училишта и општини во државата вклучувајќи ги сите засегнати страни во проектните активности. Со активно учество на наставниците, училишните директори и стручните и технички служби се обезбеди поддршка на училиштата во создавањето на системски промени во нивната работна и училишна атмосфера.
Веруваме во гласот на младите, во нивната проактивност и креативни идеи за подобрување на состојбата во нивните заедници. Затоа постојано се работи на вклучување на учениците во процесот на одлучување и се градеа партнерства со образовните институции за дополнителна институционализација на проектните интервенции кон унапредување на локалните заедници. И за време на пандемијата предизвикана од Ковид-19 преку многу активности се овозможи континуираност во образовниот процес и се поддржаа младите преку учење на далечина да продолжат да реализираат иницијативи за подобрување на средините во кои живеат и учат.
За да даде свој придонес и да понуди поддршка, низ годините МЦГО реализираше програми и обезбеди услуги на образовните и другите јавни институции, локалните заедници, невладиниот сектор, деловниот сектор и граѓаните за континуиран развој на граѓанското општество. Објавени и дистрибуирани се повеќе од 97.000 прирачници, брошури и други публикации и едукативни материјали до институциите, општините и училиштата низ државата. Исто така, МЦГО изготви промотивни видео материјали и анимирани видеа за подигнување на свеста за конкретни прашања од областа на образованието.
Многубројните активности, предводени од тимот на МЦГО, продолжуваат и во иднина, вклучувајќи уште повеќе партнери и соработници.
Она што особено го научивме во изминатиот период е дека сите заедно и со грижа едни за други можеме да изградиме подобро утре за сите. Ви благодариме на сите што сте дел од нашата приказна!
Да славиме уште многу родендени заедно!