Креативно и интерактивно спроведување на наставата на далечина: Вебинари за наставници

1358
На 25 и 26 јануари 2021 година, наставниците и стручните соработници од основните и средните училишта низ државата имаа можност да ги следат вебинарите „Методика и педагогија на квалитетна настава на далечина“ на македонски и албански јазик, преку платформата ЕДУИНО. За време на вебинарите беа презентирани содржини од Упатството за методика на настава на далечина, кое има за цел да понуди опис на различни алатки, пристапи, методи и форми кои можат да се користат при наставата на далечина. На вебинарите директно учествуваа 770 наставници и стручни соработници на платформата Зум Вебинар, додека над 4000 заинтересирани ги проследија на YouTube.

Оливер Станојоски, советник во Бирото за развој на образованието, го претстави Упатството и ја нагласи важноста од ваквите документи особено во време кога наставата се одвива во виртуелни училници. Предавачите Ардијана Исахи Палоши од Центарот за средно стручно образование, Маја Виденовиќ, наставник по информатика во ООУ „Крстe Мисирков“ – Скопје и Сатки Исмаили, наставник по математика во ОУ „Кирил и Методиј“ – Тетово, го споделија нивното искуство и презентираа иновативни пристапи и методи.

Ардијана Исахи Палоши објасни подетално за процесот на планирање и подготовка за настава на далечина и порача, „Многу е важно планирањето на наставата да соодветствува со реалните услови“.

Таа се осврна на сè она што е потребно за одржување на ефективен час на далечина и ги запозна присутните со структурата на ефективен час на далечина, како и со начинот на подготовка на материјали и ресурси.

Сатки Исмаили детално ги презентираше можностите на повеќе дигитални алатки во функција на интерактивна настава на далечина.

Маја Виденовиќ се надоврза, споделувајќи како да се изберат соодветни ресурси и активности за реализација на наставата. „Овој начин на настава бара поголема подготовка од страна на наставникот. Внимателно треба да бидат испланирани сите активности кои ќе се реализираат, но и начинот на кој тие ќе бидат имплементирани“, рече таа.

Таа ги запозна наставниците со различните видови синхрони и асинхрони активности. Подетално ги опиша и можностите на Националната платформа за учење на далечина. Преку практични примери, презентираше дигитални алатки за зголемување на интерактивноста во наставата и за доближување на наставните содржини до учениците.

Ова е првиот од серијата на вебинари кои се наменети за инспирирање и поттикнување на наставниците да употребуваат иновативни алатки и методи во нивната виртуелна училница, во согласност со нивните вештини и вештините на учениците, како и да ги поддржат учениците во организирање на ученички иницијативи.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.