Креативните ученици од ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје спроведоа многубројни активности

455
Во текот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година, учениците од основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје иницираа и спроведоа многубројни активности, во рамки на проектот „Започни ја промената“. Сите заедно, со поддршка од нивните наставници, успеаја да направат позитивни промени во нивната околина и нивниот глас да биде слушнат.

За да се запознаат со поимот идентитет, учениците учествуваа во работилница на оваа тема и изработија сликовница „Ова сум јас“ во која се претставија себеси. Тие водеа дискусија на темата и потоа ја презентираа сликовницата пред нивните соученици.

Исто така, за да го одбележат Меѓународниот ден на Ромите, го изработија знамето на ромската заедница по даден шаблон. Следуваше споделување на мислења и учење како да ги разберат и прифатат различностите.

Покрај овие активности, младите поблиску се запознаа со поимот волонтерство и што значи да се прават добри дела. Тие нацртаа и напишаа како некогаш помогнале некому и го претставија нивното искуство со хуманитарни акции. По реализираната активност се разви меѓусебна дискусија за можностите каде сè може да се помага, што беше и поттик за следните активности во рамки на темата. Тие вклучуваа анализа и дискусија на видеа и песни поврзани со помагањето како и осмислување и цртање на амблем кој предложија да се испечати на маички кои би се носеле при изведување на волонтерски акции. 

„Научив што значи поимот волонтерство – помош или работа без да добиеш нешто за возврат. Да помагаш добро е и за тебе и за другите“, вели еден од вклучените ученици.

Третоодделенците, пак, даваа идеи за разубавување на нивната училница. Тие сами понудија неколку предлози и гласаа за нив. Потоа, за да се запознаат подетално со проектот „Започни ја промената“ и како преку истиот се слуша гласот на младите, направија честитка со логото на проектот и ја истражија веб страната на проектот.

Преку сите овие активности, младите покажаа дека кога нивниот глас е слушнат, заедно можат да направат позитивни промени. На овој начин се остваруваат и целите на проектот „Започни ја промената“.