Учениците продолжуваат да се дружат и да учествуваат во интересни активности во рамки на заедничките секции за меѓуетничка интеграција при проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската фондација Песталоци.

Како дел од Математичката секција во ОУ „Живко Брајковски“ од Бутел, младите заедно учествуваа во игри за усовршување на нивните математички вештини преку учење на далечина. Но, за да го задржат вниманието на учениците, тимот кој е одговорен за реализација на активностите направи одредена измена и внесе нешто ново – изучување на знаковен јазик.
Имено, во ова училиште учат две деца кои се со посебни потреби односно имаат нарушување во слухот. Како резултат на тоа, специјалниот едукатор Берна прво започна серија на работилници во одделенијата каде што учат овие ученици со цел да се олесни комуникацијата и интеграцијата на учениците кои имаат посебни потреби. Потоа, оваа активност за изучување на знаковниот јазик се вклучи во комбинација со математичките игри и во Математичката секција. После неколку онлајн средби учениците успешно го совладуваат знаковниот јазик, а веќе научија и одредени зборови и реченици на овој јазик. Развивајќи ја нивната креативност, тие осмислуваат и други активности поврзани со математиката и знаковниот јазик.
„Работилниците се одвиваат во многу позитивна атмосфера. Добиените насоки и активности ги реализираме со желба и интерес. Многу сум задоволна и среќна што го проширувам мојот круг на другари и учам нови работи“, вели една ученичка.
Берна додава, „Сите игри беа од едукативен карактер кои можат да се спроведат и во домашни услови, а дел од нив можат да им помогнат на деца со посебни образовни потреби во совладување на наставниот материјал и развивање на моториката. Постигнатите резултати на учениците се изненадувачки во однос на нивното брзо совладување на активноста. Учениците меѓусебно соработуваат, без разлика на националноста и јазикот кој го зборуваат и покажуваат позитивна атмосфера за работа“.
Во ОУ „Маршал Тито“ од Струмица, во рамки на Математичката секција, се реализираа неколку средби кои беа насочени кон изработка на куќички-хранилки за птици, под мотото „Да ги нахраниме птиците во зима“. Учениците заедно со наставниците, тим од училиштето и родител, успешно ги изработија планираните куќички за птиците. Тие ги фарбаа и украсуваа подготвените куќички и потоа преку дигиталните платформи ги презентираа своите изработки и објаснуваа како ги изработиле истите. Со почитување на сите протоколи за заштита, учениците заедно со наставниците ги поставија овие куќички-хранилки во близина на училиштето и ги наполнија со соодветна храна.
Во ОУ „Маршал Тито“ од с. Муртино, оваа година се реализира секцијата Млади Физичари во која членуваат 20 ученици од двата наставни јазици (македонски и турски јазик). Учениците заедно со нивните наставници, преку секцијата навлегуваат подетално во одредени експериментални истражувачки активности кои се поврзани со физиката. Поради ситуацијата со вирусот, сите активности се реализираат на далечина. Па така една од реализираните активности е „Ерупција на вулкан“. При оваа активност учениците најпрво се запознаа со значењето на вулканите и причините за нивните ерупции. Потоа имаа за цел да изработат макета на вулкан во домашни услови.
Овие заеднички активности им помагаат на учениците да ги развијат своите вештини, учејќи нови работи и развивајќи креативни идеи. Тие се дружат со своите соученици кои учат на различни наставни јазици со што подобро се запознаваат со повеќе етнички заедници и јазици.
Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, поддржан од Детската Фондација Песталоци (ДФП).