Како се употребуваа дигитални алатки во наставата на далечина по Граѓанско образование

1980
На 23 јуни, 2020 година, се одржа онлајн дискусија за употребата на дигитални алатки во наставата на далечина по предметот Граѓанско образование, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. На настанот присуствуваа повеќе од 70 учесници меѓу кои наставници кои предаваат Граѓанско образование, директори на училишта како и советници од Бирото за развој на образованието.

За време на настанот, Оливер Станојоски од Бирото за развој на образованието, зборуваше за активностите на Бирото во изминатиот период во насока на подобрување на наставата од далечина. Меѓу нив се снимањето на часови од страна на наставниците кои се објавуваа на националната образовна платформа ЕДУИНО како и започнувањето со ТВ училница во која часовите се реализираа според наставните програми на Бирото. За да им се помогне на наставниците во оценувањето, беше изготвено и Упатство за оценување.

Едита Даути, наставник по Граѓанско образование во ОУ „Ашим Агуши“ од с. Радолишта, Струга, даде појасна слика за состојбата во училиштата од руралните средини преку споделување на податоци од нејзиното истражување. Зборуваше за искуствата на училиштата со далечинско учење и сподели препораки за подобрување на наставата.

Секој почеток е тежок, но и нова можност и вештина од која можеме да имаме придобивки. Учењето на далечина овозможи појава на една нова атмосфера во образованието“, вели Едита.

На настанот се обрати и Хари Стојановски, директор на ОУ „Невена Георгиева-Дуња“ од Скопје, кој се осврна на начините на реализирање на наставата по пат на различни видови електронска комуникација. Тој објаснуваше и како се запознаа учениците и родителите со новиот начин на далечинско одвивање на наставата.

Се обидувавме да ги најдеме најправилните патишта за продолжување на наставата од далечина. Ги испитавме можностите на учениците и родителите и одлучивме како ќе ги спроведуваме часовите понатаму”, додава тој.

Учесниците активно се вклучија во дискусијата и споделуваа нивни лични искуства, најголеми предизвици со кои се соочиле, како и платформи и алатки кои ги употребувале. Меѓу предизвиците со кои се соочиле во овој период најчесто споменувани беа потешкотиите на учениците да се придржуваат на распоредот за настава, недостатокот на дигитални уреди за следење на наставата и соодветна интернет врска и зголемениот обем на работа на наставниците. Во текот на дискусијата, учесниците разменија и мислења за потребата од формирање на национална унифицирана платформа за наставници преку која би можеле да комуницираат и да разменуваат ресурси, потребата од обуки за настава на далечина за наставниците, како и важноста  на градењето на унифициран систем за настава на далечина кој би го спроведувале сите основни училишта.

Главните теми на дискусија и препораките за подобрување на наставата на далечина се сумирани во документ кон кој сите учесници на дискусијата добија можност да придонесат. Документот ќе биде споделен со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, како дополнителна поддршка во развивањето на ефективни политики за настава на далечина.

Онлајн наставата претставува предизвик за образовниот процес и затоа постојано се работи на изнаоѓање на нови пристапи за зајакнување на дигиталните вештини на учениците и наставниците и поефикасно одржување на наставата на далечина.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.