Како се прават електронски постери – учениците од Access програмата ги зајакнаа своите дигитални вештини

773
Учениците кои се дел од Програмата Access – Микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Скопје, учеа да прават електронски постери, развивајќи ги своите дигитални вештини и креативноста. Беа организирани две интерактивни онлајн работилници на кои преку практични вежби тие добија можност да научат како од идеја да стигнат до финалниот производ.

За време на првата работилница, учениците се запознаа со основите на правење постери, зошто тие се важни за пренесување на порака во дигиталниот свет како и клучни елементи што треба да ги има интересен и влијателен е-постер. Учествуваа и во вежби за пошироко и креативно размислување и различна перцепција. Откако им беа презентирани корисни алатки и софтвер, учениците, поделени во групи, изработија повеќе постери со пораки од говорниците на онлајн разговорите кои ги имаа секој четврток.

Мотивирани и со зајакнати знаења, тие активно учествуваа и во втората работилница. Но, овој пат изработуваа еколошки е-постери и учеа како дигитално да ги искажат нивните мислења за заштита на животната средина. Употребувајќи моќни слики за состојбата со отпадот во нивните градови и слики за тоа како би сакале средината да изгледа тие успеаа да направат креативни постери кои го привлекуваат вниманието и да ги презентираат.

Прекрасната и опуштена атмосфера беше збогатена со дискусија на англиски јазик за унапредување на вештините за аргументирано говорење на учениците. Тие се дружеа и соработуваа заедно кон заедничка цел и нивниот труд резултираше во повеќе од 30 прекрасни електронски постери.

Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.