Интервју со Зоран Узунов: Учениците да учат „едни“ за „други“, но и „едни“ од „други“

3094
Во Општина Струмица живеат припадници на различни етнички заедници. Мултиетничкиот карактер на населението наложува потреба општината континуирано да ја промовира меѓуетничка интеграција, особено во областа на образованието. Заложбата на општината посебно се истакнува преку соработката со граѓанскиот сектор – во голем број на проекти таа се јавува како пилот општина, при што се реализираат активности за меѓуетничка интеграција кои ги вклучуваат учениците, наставниците, родителите, органите на управување во училиштата, советите на родители и локалната заедница.
Прочитајте го интервјуто со Зоран Узунов, просветен инспектор во Општина Струмица и дознајте повеќе за тоа како општините може да ги поддржат училиштата во подобрувањето на меѓуетничката интеграција.


Зоран Узунов, просветен инспектор во Општина Струмица

За училиштата да може да спроведуваат активности за меѓуетничка интеграција и граѓански иницијативи, поддршката од институциите е многу важна. На кој начин Општина Струмица им дава поддршка на струмичките училишта и наставници?

Меѓуетничката интеграција во образованието претставува промовирање на интеракцијата меѓу учениците и во повеќејазичните и во еднојазичните училишта. Кога учениците учествуваат во заеднички активности имаат можност за непосредна комуникација и меѓусебен контакт, меѓусебно запознавање. Важно е учениците да учат „едни“ за „други“, но и „едни“ од „други“, со што се намалуваат негативните стереотипи и предрасуди за „другите“.

Токму затоа, Општина Струмица развива систем на организација на заеднички активности за меѓуетничка интеграција во образованието (МИО), преку организирани меѓуучилишни средби на повеќејазичните и еднојазичните училишта кои вклучуваат поголем број ученици од мешан етнички состав, како и наставници и родители.

Во буџетот на општината, за секоја тековна година, предвидени се по 15.000 денари за секое училиште кои може да се искористат за заеднички наставни активности како на пример заеднички часови или истражувачки проекти, но и заеднички воннаставни и слободни ученички активности како што се екскурзиите, секциите, театарските претстави, спортските игри и слично.

Ова се само неколку примери за остварени активности од буџетските 15.000 денари: Под мотото „Играме, учиме и растеме заедно“, учениците и наставниците ОУ „Маршал Тито“ од Струмица и ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од с. Дабиље, остварија заедничка средба со спортски игри,  додека пак ученици и наставници од СОУ „Никола Карев“ од Струмица, заедно со партнер училиштето „Сарај“ од Општина Сарај ги посетија Џамијата и Црквата „Свети Петнаесет“ во Струмица, по што реализираа заедничка ликовна активност.

На барања од училиштата, кои се непосредно поврзани со интеркултурна комуникација и меѓуетничка интеграција и надвор од државата, досега е обезбедена финансиска поддршка и за соработка со училишта од повеќе општини од Република Турција, Хрватска, Италија, Бугарија и др. За меѓународниот камп за интеркултурна размена во детското село Песталоци – Троген, Швајцарија, кој веќе трет пат се реализира за ученици од Струмица, општината обезбедува по 300.000 денари за превоз на 40 ученици и 6 едукатори.


Заеднички спортски игри

Во 2016 година, со цел да се планираат, реализираат и следат активностите за меѓуетничка интеграција во училиштата, Општина Струмица формираше Комисија за меѓуетничка интеграција во образованието. Како функционира Комисијата и кои се резултатите од досегашната работа?

Главните задачи на Комисијата вклучуваат изработка на општински акционен план којшто е заснован на акционите планови утврдени во годишните програми на училиштата, обезбедување финансиска и логистичка поддршка за реализација на активности за меѓуетничка интеграција, меѓутоа и учествува во реализацијата и следењето на активностите.

Всушност Комисијата заеднички ги планира и реализира активностите со училиштата, учествува непосредно, го следи „патот“ од идеја до реализација и ја информира јавноста преку веб страната на општината и преку другите електронски и пишувани медиуми. Исто така, Комисијата изработува годишни извештаи и ги доставува до градоначалникот и Советот на општината.

Важно е да се каже дека Комисијата е составена од претставници од општината и од претставници од основните и средните училишта. Бидејќи претходната комисија имаше мандат од две години, оваа година е формирана нова, која започна со работа во почетокот на учебната година.

Од досегашните извештаи добиени од училиштата и од Комисијата, за две години, досега се реализирани 24 различни активности, кои може да се видат на веб страната на општината. Тие активности се дел и од годишните извештаи на училиштата, а дел од постерите, изработките и пишуваните документи се поставени на ѕидовите на ходниците од училиштата.


Ученичка претстава: Младите од СОУ „Никола Карев“ промовираат меѓуетничка соработка

Општина Струмица има и своја општинска стратегија за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието. Што опфаќа стратегијата?

Општа цел на стратегијата е воспоставување на поттикнувачка околина за активно учество на општината и училиштата во креирање на политиките за активности за меѓуетничка интеграција на општинско ниво. Истата опфаќа повеќе подрачја кои се планираат во годишните програми на училиштата.

Покрај останатите активности кои веќе ги напоменав, општината ги следи механизмите со кои се обезбедува промоција на еднаквоста и правичноста кон децата без разлика на полот, етничката припадност, социјалното потекло и способностите, односно се грижи училиштата да водат политика на позитивно вреднување и промовирање на родовата, етничката, културната, верската и јазичната разновидност во училиштето и заедницата.

Исто така, општината се грижи училиштата да планираат и да реализираат активности со кои учениците ќе се поттикнуваат на активно слушање, искажување на своето мислење и почитување на мислењето на другите во групата.


Ученици на посета на општина Струмица

Како просветен инспектор, Вие сте во постојана комуникација со училиштата. При посета на училиштата, кои се Вашите впечатоци во однос на активностите и условите за работа на училиштата?

Во рамките на утврдената надлежност на овластените општински инспектори, а тргнувајќи и од стратешките приоритети во Стратегијата за образование, заедно со училишното раководство се разгледуваат состојбите на објектите и се идентификуваат потребите за подобрување или реконструкција на објектите, со посебен осврт на  подрачните основни училишта, набавка на нагледни средства и технички помагала, подобрување на енергетската ефикасност со воведување на загревање со гас, поставување на нови прозори и врати, поставување термофасади, кровни конструкции и сл.

Минатата година за повеќе училишта беа обезбедени по 500.000 денари од општинскиот буџет, за реновирање, реконструкција или други занаетчиски и градежни работи, со кои на пример се обезбедија нови прозори во подрачното основно училиште во с. Банско, се реновираше спортската сала во училиштето во с. Вељуса и слично. Од општинскиот буџет, во неколку наврати се асфалтирани повеќе спортски игралишта во дворовите на училиштата, а се изградени и нови. Мора да го кажам и фактот дека на организираните општински буџетски форуми, сите училишта со свои претставници даваат свој придонес во креирањето на општинскиот буџет.

Исто така, при реконструкција на училишта со средства од различни донатори, особено УСАИД, општината обезбедува финансиски средства со што се постигнуваат поголеми ефекти при реновирањето и се обезбедува одржливост на објектот. Сепак, морам да истакнам дека со процесот на децентрализација не е опфатено реновирањето на училиштата. За капиталните инвестиции, се’ уште главен фактор е Министерството за образование и наука.


Пред и по реновирањето на СУ „Јане Сандански“ во Струмица, поддржано од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието 

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.