Интервју со Верче Петрова: Учениците во училиштето растат, се развиваат и се учат на соживот

5643
Во основното училиште „Живко Брајковски“ од Бутел учат повеќе од 700 ученици од различни етнички заедници. Учениците ја следат наставата на македонски и албански наставен јазик. Со поддршка од неколку повеќегодишни Проекти на УСАИД за подобрување на меѓуетничката интеграција, веќе подолго време во ова училиште успешно се реализираат активности кои овозможуваат подобра кохезија помеѓу учениците од различни етнички заедници.
Неретко се вели дека наставниците се пример за учениците, а ако тоа е така – учениците од „Живко Брајковски“ се среќни бидејќи ја имаат Верче Петрова, наставник по математика и физика кој се вложува максимално во својата професија. Таа е и координатор на Тимот за училишна интеграција кој несебично вложува труд за градење на идните генерации во духот на интеркултурализмот и демократските вредности. Прочитајте го интервјуто со Верче Петрова и дознајте повеќе.

Верче Петрова, наставник по математика и физика ОУ „Живко Брајковски“


Често се вели дека да се биде учител, наставник, воспитувач, професор е едно од најблагородните занимања. Што најмногу ви се допаѓа во вашата професија?

Наставникот е специјализиран за одредена област која ја предава, но нашата  работа не се состои само во пренесување на знаењето, туку потребно е тоа знаење да се пренесе на начин на којшто ќе можат учениците да го разберат, на ниво соодветно за нивната возраст. Знаењето треба да ги заинтересира учениците, да им го привлече вниманието и да ги насочи. Ние го следиме развојот на учениците, меѓутоа многу е битно да имаме и добри педагошки способности.

Она што најмногу ми се допаѓа во мојата професија е тоа што сме мотиватори, насочувачи, лидери. Мора да се прилагодуваме кон учениците, да ги поттикнуваме, да ги пофалуваме. Да користиме различни форми, методи, приоди. На часот се трудам да создадам атмосфера каде ученикот ќе добие самодоверба и самопочит. Ги поттикнувам учениците критички да размислуваат. За да се биде добар наставник мора постојано професионално да се развиваме. Да ја поддржуваме креативноста кај учениците.

Мотивацијата да ја работам својата професија е многу голема кога ќе видам насмеани лица на учениците, среќни и задоволни ученици. Уште поголема сатисфакција и огромна мотивација е да се работи во мултиетничко училиште.

Ученици од ОУ „Живко Брајковски“ спроведуваат иницијативи за мир


Покрај тоа што сте наставник, Вие сте и координатор на тимот за училишна интеграција (СИТ) чија улога е да го поддржува наставниот кадар во реализирањето на заеднички ученички активности и да биде катализатор во процесот на зајакнување на меѓуетничката интеграција во училиштето. Како функционира тимот за училишна интеграција во Вашето училиште?

Тимот за училишна интеграција функционира беспрекорно. Тој е мотиватор и креатор и претставува поддршка за другите наставници. Наоѓа начин како да ги мотивира, инспирира и  вклучи  новите колеги во овој процес на училишна интеграција. Континуирано се одржуваат работилници, воннставни и наставни активности, посети, екскурзии, полуматури со меѓуетнички карактер. Сите наставници од нашето училиште одржуваат работилници од ваков тип.

Меѓутоа за да може да функционира на овој начин тимот, потребна е поддршка од директорот, па и од општината. Во нашето училиште поддршката од директорот Розалија Ангеловска и од општината т.е. од градоначалникот Велимир Смилевски и од одделението за јавни дејности  каде одговорен за образование е Николина Нолевска, е на многу високо ниво, поради што нашата мотивација е уште поголема.

Велимир Смилевски, градоначалник на Општина Бутел на јавна дискусија со младите од Бутел


Како изгледа една заедничка ученичка активност во Вашето училиште?

При одржување на заедничка ученичка активност секогаш се води сметка да се запази родовата и етничка застапеност. Учениците за време на активноста комуницираат, соработуваат меѓу себе, разменуваат идеи и наоѓаат начин како да се разберат ако не го знаат јазикот на другарчето. Пријателствата кои започнуваат за време на работилницата продолжуваат за време на одморите, на часовите по физичко, на воннаставните активности, на социјалните мрежи, по часовите, на спортските активности…

Младите соработуваат без разлика на која етничката заедница припаѓаат. Тоа го гледаат и учат од нас наставниците. Гледаат како ние соработуваме.

Учениците и наставниците учествуваат и во креативни граѓански иницијативи. Се работат работилници на теми кои ги предлагаат самите ученици. Многу често иницијативите, предлозите на учениците стануваат реалност. Една таква иницијатива беше остварена мината учебна година  – учениците побараа од граданочалникот да се исцрта пешачки премин кај училиштето, пред општината. Набргу тој предлог стана реалност.

Во една од работилниците учениците изработија нагледно средство – 3D Сончев систем поставен во холот на училиштето. Со други го разубавуваат училишниот двор, холот, училниците. Придонесуваат за подобрување на училишната клима. Горди се на своите дела, изработки.

Пешачки премин во близина на улилиштето обележан на иницијатива на учениците


Сметате ли дека поддршката од образовните институции и од родителите е важна за спроведените активности да имаат долгорочен позитивен ефект?

Поддршката е многу важна, посебно за нас наставниците. Работилниците од овој тип не би биле реалност доколку не би ја имале поддршката од институциите. За да има долгорочен позитивен ефект, потребни се долгорочни активности, а за тоа е многу битна поддршката и од институциите, посебно од родителите. Исто така потребна е осмислена одржливост и континуираност на поддршката.

3D Сончев систем – заедничка изработка на учениците од различни етнички заедници


Имате ли поддршка од родителите на учениците? На кој начин соработувате со нив?

Без поддршката од родителите не би можело да се реализираат работилници со мултиетнички карактер. Оние родители на кои им дозволува работното време, присуствуваат на работилниците, работат заедно со нас. Доволна е нивната доверба во нас како едукатори, а тоа се гледа од тоа што ги поддржуваат учениците да учествуваат во работилници од ваков тип. Имаат разбирање за потребата од вакви работилници. Потребата се гледа од среќните лица на учениците. Ја разбираат потребата за развивање на свеста за живеење во мултиетничко општество.

Ученици кои учат на различни наставни јазици заедно работеа за да го разубават училишниот двор


Заинтересираноста на наставниот кадар за спроведување на вакви активности е од клучна важност за успех во подобрувањето на меѓуетничка интеграција кај младите. Неспорно е дека наставниците се пример за младите луѓе, но професионалниот развој на наставниците подразбира и учење на наставниците едни од други. Што би сакале да им порачате на другите наставници низ Македонија?

Јас лично како наставник секогаш  учествувам во проекти во кои се работат работилници со мултиетнички карактер. Како што кажав, мотивација за мене претставуваат ведрите и насмеани лица на учениците, сè поголемиот број на доброволци за учество во работилниците, кога ќе видам задоволство на нивните лица при дружење со ученици од различна етничка припадност, како комуницираат, соработуваат…сето ова гарантира перспективна иднина за сите наши деца.

Неспорно е дека учениците во училиштето растат, се развиваат и се учат на соживот. Токму затоа, наставниот кадар е од клучна важност за подобрување на меѓуетничка интеграција кај младите. Секој наставник го охрабрувам да земе учество во проекти и работилници од ваков тип. Нашата работа, нашата вложеност е многу важна за иднината на општеството. Младите се иднината на општеството – иднина во мултикултурно и мултиетничко општество, општество каде се почитуваат различностите.

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.