Наставниците се прилагодија на новиот начин на работа на далечина и продолжија да ги поддржуваат учениците во организирањето на иницијативи и активности за позитивни промени во заедницата. Симона Петковска Илиевска е една од нив. Како наставник по Граѓанско образование во ОУ „Владо Тасевски“ во Скопје, таа веќе втора година по ред ги поттикнува нејзините ученици самостојно да ги реализираат нивните идеи.
Прочитајте го интервјуто со неа и дознајте повеќе за нејзиното искуство со одржувањето на мотивацијата на учениците и организирање на интерактивни и иновативни часови и активности на далечина.

Симона Петковска Илиевска, наставник по Граѓанско образование
1) Втора година по ред ги поддржувате Вашите ученици во спроведувањето ученички иницијативи. Минатата година со физичко присуство, а оваа година на далечина. Какви активности реализиравте и какво е вашето искуство – како да се мотивираат младите за учество во активности за позитивна промена во заедницата?
За да се стекнат со вистински граѓански компетенции од особено значење е тоа што учениците веќе две години прават отворен ден за граѓанско образование. Разбирливо е што заради состојбата со пандемијата постои доза на апатичност кај учениците, но секогаш постојат исклучоци. Група млади луѓе оваа година започнаа иницијатива со која ги поттикнаа своите врсници на активизам. Учениците целосно самостојно реализираа проект, под мое менторство и со волонтерска помош на неколку експерти од различни области (Лука Блажев – графички дизајнер од ИРЛ Македонија, проф. др. Лилјана Игњатова – експерт за превенција на дроги, Кристина Михајловска од организацијата Хера, инспектори од МВР).
D.A.T.A. (Drugs and Аlcohol Тeenage Аddictions) Awareness Сampaign е проект на 11 ученици кои покажаа висока свест за ученички активизам на тема употреба на алкохол, дроги и лекови кај младата популација, како и превенција и едукација од оваа област. Младинското учество го покажаа со тоа што почнаа кампања на Фејсбук и Инстаграм, каде со креирање постови влијаат на младите и споделуваат релевантни сознанија на тема зависности. Тие со овој проект решија да учествуваат на конкурсот на Pompidou Group of the Council of Europe за младински активизам на тема зависности. Неодамна добија одговор дека апликацијата е прифатена и дека тие се едни од 53 апликанти од 28 различни земји од Европа кои ќе се борат за оваа престижна европска награда. Каков и да е исходот, тие се горди на себе и она што го направија во областа на младинското застапување на тема зависности.
2) Според вас, кои се најбитните компетенции кои треба да се развијат кај учениците во текот на основното образование? Како ги земате предвид при планирање на часовите по Граѓанско образование и воннаставните активности?
Компетенциите се однесуваат на тоа што еден ученик осознал и разбрал, неговата способност да го употреби тоа знаење и одговорно да го применува. Основното образование треба да ги подготви децата за сите динамични глобални процеси пред кои сме сите исправени. Целта на граѓанското образование е да формира активни граѓани, кои ќе влијаат на процесите во општеството. Секогаш ги мотивирам да бидат слободно-мислечки луѓе кои ќе бидат силен коректор на неправдите во општеството и борци за своите и правата на другите. Тоа е современо образование на 21 век. Секогаш настојувам да сфатат дека за тоа не е потребно само да ги познаваат човековите права, државните институции и политичките концепти, туку сето тоа треба да го практикуваат вклучувајќи се во активностите на училиштето, заедницата и делувајќи понатаму во општеството.
При планирањето секогаш ги насочувам да ги согледуваат процесите во целина. Со тоа тие се оспособуваат критички да размислуваат за сите глобални прашања како: човекови права, формирање ставови, однос кон медиумите, формирање вредности и почит на различностите.
3) Пандемијата со вирусот КОВИД-19 наметна потреба од спроведување на образовниот процес преку учење на далечина. Ова ги вклучува и воннаставните активности и ученичките иницијативи. Како успеавте да се прилагодите на ситуацијата и да продолжите со одржување на редовна настава, но и дополнителни активности со Вашите ученици преку Националната платформа за учење на далечина?
Пандемијата ги покажа предизвиците кои се пред нас. На почетокот сите бевме исплашени како ќе се одвива целиот процес. Како и да звучи, сметам дека пандемијата предизвика еден вид катарза кај сите нас и не поттикна како наставници да си ги усовршиме своите информатички вештини и капацитети. Образовните власти треба уште многу да работат на континуирано унапредување на овие вештини кај професорите, кои пред пандемијата не можевме да ги согледаме. Модерен образовен систем и сериозни инвестиции во образованието се неопходни. Иднината што ја посакувам е современ образовен процес имун на сите идни предизвици. Секако тука од особена важност е и тоа што ние наставниците влеговме во тој интернет простор кој природно им е поблизок на учениците, но на нас е да ги едуцираме за опасностите кои демнат во тој простор. Наставникот игра клучна улога во мотивирањето, и тоа треба да го прави со огромна доза на емпатија, давање поддршка и особено внимание да посвети на нивното ментално здравје и емоциите.
Едуино платформата за дигитални содржини исто така помогна за приближување на наставните содржини особено за најранливите групи и оние кои немаа пристап до компјутерска технологија. Со големо задоволство снимив 4 наставни содржини по предметот граѓанско образование за 8 и 9 одделение.
4) Какви часови на далечина сметате дека се интересни и корисни за учениците? Што би им порачале на другите наставници по Граѓанско образование во врска со одржувањето на мотивацијата и организирање на интерактивни часови на далечина?
Тоа е можеби најголемиот предизвик за наставниците. Часот не треба да биде презентација на податоци кои треба да се меморираат. Ги охрабрувам сите наставници да излезат од класичниот „мејнстрим“ модел на предавање. Децата ќе бидат презадоволни ако на часот за права на децата го слушнат говорот на Малала при примањето на Нобеловата награда. Трајно ќе запомнат зошто е толку важно правото на образование. Иновативноста лежи во сите нас, треба само малку да ја извадиме на површина и да немаме предрасуди. Часот по граѓанско образование не треба да е стрес за учениците туку вистинско задоволство.
5) Познато е дека демократското однесување не е доволно да се учи од книга туку е неопходно да се практикува секојдневно. Како според Вас најдобро се практикува демократија во училница и во рамки на целото училиште?
Демократското однесување треба да е императив на секој наставник. Учениците засекогаш ќе Ве помнат по тоа на кој начин сте им се обраќале и како сте ги подготвиле за животот. За да всадите вистински вредности кај учениците Вие треба да сте на највисоко ниво на разбирање на етичките вредности, кои се универзални. Наставникот треба да се однесува со љубов, грижа, разбирање и бескрајно многу емпатија кон сите свои ученици. Тие тоа го чувствуваат и така и ќе Ви возвратат. Само така Вашата, во моментов виртуелна училница, ќе биде место на највисок степен на демократија и филантропија.