Интервју со Лина Христовска: Преку Центарот за фузија на идеи се слуша гласот на младите и се прави разлика во општеството

304
Учениците од десет основни и средни училишта низ државата во текот на изминатата година беа дел од дигиталниот Центар за фузија на идеи, поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Високо-мотивираните ученици заедно соработуваа и учествуваа во развивање и спроведување на креативни идеи за подобрување на состојбата во нивните училишта и околината.
Лина Христовска, ученичка во основното училиште „Гоце Делчев“ од Битола, е дел од Центарот за фузија на идеи од почетокот и иницијативата која ја предложи се реализираше во нејзиното училиште. Прочитајте го интервјуто и дознајте повеќе за нејзиното искуство со оваа активност.

Лина Христовска, ученичка во основното училиште „Гоце Делчев“ од Битола

Какво беше твоето искуство со Центарот за фузија на идеи?

Искрено, беше супер. Мислам дека баш во право време бев вклучена во оваа активност и многу сум благодарна што бев вклучена. Сите состаноци, обуки и презентации ми помогнаа со самодовербата бидејќи имам мал проблем со тоа. Исто така, многу ми се допадна тоа што повеќето од времето можевме да комуницираме и на англиски јазик и да ги зајакнеме вештините за комуницирање на англиски бидејќи на училиште само го зборуваме јазикот за да го научиме.

Иако бевме онлајн, имав чувство дека се запознавам со нови луѓе и за мене не беше пречка онлајн што се дружевме. Сите бевме од различна етничка припадност, но навистина се здруживме. Понекогаш во нашето училиште, но и во другите училишта имам видено дека учениците се делат по етничка припадност. А со оваа активност навистина се здруживме и не беше важно на кој јазик учиме бидејќи најдовме начин на комуникација.

Што најмногу ти се допадна од целокупната твоја вклученост во Центарот за фузија на идеи?

На прво место би ги ставила обуките бидејќи научив многу од нив. Наместо да учам сама, учев за време на тие обуки и многу работи ми се полесни после нив. После тоа, многу ми се допаѓаа и состаноците и презентациите и сите останати активности. Тоа што бев панелист на онлајн настанот по повод Денот на планетата Земја беше супер искуство за мене бидејќи ги слушнавме мислењата на професионалци во полето на екологијата и со тоа не’ поттикнаа и ние да направиме некоја промена. Мислам дека беше многу мотивирачки и ние, учениците, бевме „рамо до рамо“ со нив за време на настанот.

Што научи ново од вклученоста во Центарот за фузија на идеи и какви вештини стекна?

Преку активностите кои ги спроведовме во рамките на Центарот за фузија на идеи ми се зголеми самодовербата, креативноста, дружељубивоста… Повеќе различни особини ми се развија и добив поголема мотивација. Дознав дека се’ уште има добро во светот. Претходно чувствував како да се губи надежта, но со ова ми се врати довербата во човештвото.  

Дали сметаш дека направи реална промена во твојата околина преку Центарот за фузија на идеи? Објасни ни накратко каква промена се направи во твоето училиште.

Да, најголемата промена беше реновирањето на катчето во училиштето кое го смисливме. Сметам дека направив промена бидејќи учениците од моето одделение и наставниците ја забележаа промената и ми се заблагодаруваа дека сум го подобрила местото. Тоа многу ме исполни. Сега го употребуваме катчето и учениците се собираат таму. Има поголема дружба и помеѓу учениците кои учат на различни наставни јазици и тие се поттикнати да излезат надвор и таму да учат заедно.

Со какви предизвици се соочи при учеството во Центарот за фузија на идеи особено бидејќи активностите се одвиваа онлајн поради пандемијата со КОВИД-19?

Немаше некои посебни предизвици или проблеми. Мислам дека дружбата беше иста како да сме со физичко присуство. Како што споменав, чувствував дека сите сме заедно. Нормално, би ги истакнала техничките проблеми, но на нив не можевме да влијаеме и не беа многу сериозни. Бидејќи целата пандемија за сите беше стресна и на училиште одевме онлајн и имавме предизвици поврзани со тоа, кога ќе се уклучевме на состаноците во рамки на Центарот ми беше како пауза. Си велев „Сега е време да ми биде интересно наместо да се грижам за се’ и да ми биде страв од пандемијата“. Ми беше како еден вид олеснување, а во исто време и учење, но и забавување.

Дали би го препорачала Центарот за фузија на идеи и на други ученици?

Да, апсолутно. Ни беше многу интересно. Имавме многу активности и преку нив учевме нови работи. Мислам дека помага не само на луѓето на кои се обидуваме да им помогнеме туку ни помага и на нас, учениците кои учествуваме. И она што се прави преку Центарот е добро за сите. Можеме да помогнеме на многу луѓе, но и да е само еден човек или еден ученик, важно е што се слуша гласот на младите и се прави разлика во општеството.

Според тебе, како можат да се мотивираат младите за учество во активности за позитивна промена во заедницата?

Мислам дека може да се мотивираат со презентации за да им покажеме што имаме направено, па и тие да научат и да можат да направат нешто. Според мене, младите повеќе би се мотивирале од своите соученици бидејќи ако го слушнат мислењето од некои на нивна возраст и видат што имаат направено, повеќе ќе се поттикнат и самите да бидат дел од такви активности за позитивни промени.

Како во иднина ќе го искористиш искуството и знаењето што го стекна за да креираш позитивни промени кои би им биле од корист на младите?

За секаде ќе ми треба бидејќи имавме повеќе обуки од различни области. На пример, обуката за јавно говорење беше навистина корисна и ќе ми се најде во кој било случај. И креативноста општо во животот, на училиште и понатаму мислам дека секогаш ќе ми помогне. Така се чувствувам бидејќи тоа што го научив не мислам дека некогаш ќе го заборавам или изгубам туку засекогаш ќе ми треба и ќе ми трае.

Овие вештини кои ги стекнав ќе продолжам да ги употребувам и за време на средното образование. Се надевам дека ќе бидам вклучена во ученичкиот парламент и ќе се обидам да бидам во колку што може повеќе секции, активности и проекти во и надвор од училиштето за да го споделам знаењето кое го имам и да направам некоја разлика.