Интервју со Георге Николов: Процесот на креирање на Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество во секоја општина е позитивна приказна

1078

Преку Стратегиите за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество, општините поттикнуваат и поддржуваат проактивност кај младите од различни етнички заедници за подобрување на состојбата во општеството. До крајот на годината, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) ќе има поддржано 45 од вкупно 81 општина во државата во донесувањето на вакви стратегии преку кои на системски начин се иницира спроведување на активностите предвидени во Законите за основно и средно образование.

Во периодот 2019-2020 година, со поддршка на МЦГО донесени се општински стратегии во 30 општини: Град Скопје, Куманово, Гостивар, Бутел, Струмица, Тетово, Свети Николе, Кавадарци, Струга, Прилеп, Велес, Долнени, Врапчиште, Пробиштип, Гевгелија, Охрид, Ресен, Боговиње, Старо Нагоричане, Неготино, Аеродром, Центар, Чаир, Гази Баба, Сарај, Ѓорче Петров, Кочани, Босилово, Берово и Виница.

Во 2021 година, МЦГО продолжи да работи со нови 15 општини: Дојран, Радовиш, Чашка, Штип, Желино, Кичево, Василево, Богданци, Кисела Вода, Карпош, Битола, Шуто Оризари, Маврово и Ростуше, Дебар и Студеничани за изготвување на општински стратегии коишто се очекува да бидат финализирани до крајот на годината.

Прочитајте го интервјуто со Георге Николов, соработник за образование и дознајте повеќе детали за тоа што претставуваат Стратегиите за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество и како истите се креираат и усвојуваат од општините низ државата.


Георге Николов, соработник за образование

МЦГО: Што претставува Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество?

Николов: Воспитно образовниот систем низ процесите на реформи и демократизација досега помина низ сериозни предизвици. Некои од нив, унапредувајќи го воспитно образовниот систем во целина, истовремено отворија паралелни процеси кои доведоа до просторно раздвојување на учениците според наставен јазик, работа во смени, по различни катови, дури и во различни објекти со образложение дека полесно ќе се организира и реализира воспитно образовната дејност. Ваквите случувања не беа следени со соодветни образовни политики потребни за да ги надминат негативните последици кои просторното раздвојување на учениците ги носи со себе, а се резултат на спреченоста учениците од различни наставни јазици меѓусебно активно да контактираат и комуницираат.

Согледувајќи ги негативните последици, стана неминовност да се креира образовна политика која директно ќе го адресира оваа прашање и на долгорочна основа ќе овозможи интеракција преку контакти и комуникации меѓу учениците од различни наставни јазици. Така во 2010 година, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ се донесе стратешкиот документ „Чекори кон интегрирано образовани во образовниот систем во Република Македонија“, во којшто се зацртаа основните образовни политики за надминување на последиците од раздвоеноста на учениците според наставен јазик.

Имплементацијата на Стратегијата беше помогната од повеќе партнерски организации на Министерството за образование и наука и Владата, но доминантно е улогата и помошта од УСАИД и МЦГО коишто долгорочно вложуваат во имплементацијата на Стратегијата, со поддршка на училиштата за реализација на активности за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество.

Од друга страна, од досегашната долгогодишна имплементација на овие активности се согледа дека за постигнување подобри резултати потребна е поголема вклученост на општината и локалната заедница во поддршката на училиштата за реализација на активностите за меѓуетничка интеграција во образованието, а доброто искуство од централно ниво нè научи дека има потреба на општинско ниво да се креира образовна политика за поддршка на активностите кои овозможуваат интеракција помеѓу учениците од различни наставни јазици.

Од тука, општинските Стратегии за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество значат поддршка, поттик и грижа на општината за реализацијата на активностите за меѓуетничка интеграција и младинско учество. Во исто време тие отвораат можности повеќе партнерски организации да се вклучат во поддршката за имплементација на ваквата локална образовна политика.

МЦГО: Дали оваа стратегија се креира врз основа на законска рамка, при што би опфаќала меѓународни закони и закони и стратегии на нашата држава што се однесуваат на образованието?

Николов: Гледано во глобални рамки општинската стратегија е во склад со образовните политики насочени кон зајакнување на човековите права, правата на детето и граѓанските права.

Имајќи го ова предвид Стратегијата за меѓуетничка интеграција и младинско учество е во согласност со низа меѓународни документи кои се постулати за човековите права, правата на детето и граѓанските права. Неколку клучни меѓународни документи имаат конкретна имплементација во општинските стратегии, како што се: Универзалната декларација за човековите права, Конвенцијата за правата на детето, Конвенцијата на УНЕСКО против дискриминација во образованието, Европската повелба на Советот на Европа за социјална кохезија, Европската повелба на Советот на Европа за регионални и малцински јазици и др.

Досегашната имплементација на Националната Стратегија за интегрирано образование во голема мера придонесе да се унапредат состојбите во воспитно образовниот систем пропишани со Уставот на Република Северна Македонија и концепцијата за деветгодишно основно образование, а како резултат од нејзината имплементација, се унапредија Законот за основно образование и Законот за средно образование. Со тоа се воспостави цврста врска помеѓу Законите за основно и средно образование и општинските стратегии, бидејќи стратегиите значат вклученост на општината и партнерите на локално ниво во имплементација на законската регулатива во делот на реализација на активности за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество.

МЦГО: Како е организирано нејзиното креирање, имплементација и следење?

Николов: Иницирањето за креирање на општинските стратегии е заслуга на МЦГО и неговата имплементација на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, кој во последните години (вклучувајќи го и периодот 2012-2017 г. кога го реализираше Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието – ПМИО) дава силна поддршка на општините за развој на општинските образовни политики за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество.

Партнерството на МЦГО и општините овозможи општините да се зафатат со креирање на општински стратегии. Секако, целиот тој процес ги минува процедурите предвидени за работа на локалната самоуправа, а тоа значи дека процесот започнува со формирање на Комисија за Стратегијата за меѓуетничка интеграција и младинско учество, која понатаму работи на документот. Во досегашната пракса во составот на Комисиите се именувани членови од општинската администрација, како и наставници, стручни соработници и директори од училиштата, при што е водено грижа за соодветна застапеност според наставните јазици на коишто се реализира наставата во општината.

Процесот на креирање на Стратегијата е следен и менториран од соработници на МЦГО со долгогодишно искуство во имплементацијата, следењето и унапредувањето на образовните политики на МОН за меѓуетничка интеграција и младинско учество. Имплементацијата е доверена на општинска Комисија за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество, а следењето е континуирано, според општински план за мерење на постигањата. Врз основа на планот за мерења на постигањата на годишна основа Комисијата го известува Советот на општината и предлага активности за идни подобрувања.

МЦГО: Која е општата цел на оваа стратегија и кои компетенции ги подобрува кај учениците?

Николов: Националната Стратегија за интегрирано образование има за цел низ системски активности во воспитно образовниот процес да придонесе за поголема кохезија во општеството, а пред сè поголема кохезија во самиот образовен систем. Системските активности се широко поставени од национално преку локално до училишно ниво, а се однесуваат на сите засегнати со воспитно образовниот процес и на ресурсите неопходни за реализација.

Креирајќи ги општинските стратегии се зајакнува улогата на локалната власт врз реализацијата на активностите за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество. Од друга страна секоја општина има свои специфики во поглед на структурата на населението, структурата на наставниот кадар и учениците во училиштата, и согласно тоа секоја општинска Стратегија си поставува специфична цел според приликите во општината, а која води кон постигнување на заедничката национална цел.

Заедничко за сите нив е што низ широк спектар на креативни активности обезбедуваат интеракција помеѓу учениците кои следат настава на различен јазик, со цел унапредување на сличностите и прифаќање на различностите, интеркултурноста и интеркултурализмот, мултикултурноста и мултикултурализмот, при тоа тежнеејќи да ги зајакнат компетенциите кај учениците за демократска култура и граѓанство и да ги подготват за успешно вклучување во нашето мултикултурно општество.

МЦГО: Кои принципи се застапени во Стратегијата за МИО и младинско учество?

Николов: Секако дека органите на секоја општина очекуваат успешна реализација на стратегијата. За да се обезбеди тоа, стратегијата ја поставува општината во партнерска положба со училиштето и носителите на процесите во училиштето, особено Тимот за училишна интеграција како клучен чинител за реализација на активностите за МИО и младинско учество на ниво на училиште. Заради поголема вклученост во процесот на имплементација на сите засегнати страни, партнерството на општината, заемната доверба и одговорност е проширена на локалната бизнис-заедница, граѓанските организации коишто делуваат во сферата на зајакнување на општествената кохезија, граѓаните на општината и секако МОН и меѓународните организации.

Стратегијата предвидува повеќе можности за вклучување на сите засегнати страни во имплементацијата и тоа преку зајакната промоција на можностите за соработка и транспарентноста како клучен елемент за зголемен интерес на партнерите во имплементацијата. Стратегијата предвидува вклучување на сите можни општински и училишни ресурси за промоција и презентација на активностите, користејќи ги современите комуникациски средства и организирање на специфични настани со таа цел.

МЦГО: Што би споделиле од Вашето долгогодишно менторирање во општините коишто ги подготвија и се во фаза на подготвување на Стратегијата за МИО и младинско учество? Има ли предизвици и успешни приказни во ова Ваше богато искуство?

Николов: Во МОН работев на креирањето на Стратегијата „Чекори кон интегрирано образование во образовниот систем на Република Македонија“, на нејзината имплементација и на натамошните активности во МОН поврзани со изработка на документи за следење и информирање на Владата и Министерот за постигањата. Секако дека се радувам при секој нов резултат поврзан со активностите за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество. Менторирањето при креирањето на општинските стратегии ми е континуитет во придонесот за зајакнување на општествената кохезија и ми создава лично чувство на задоволство. Работењето со повеќе Комисии во кои членуваат претставници од општина, основното и средното образование е ново позитивно искуство. За воодушевување е да се почувствува нивниот ентузијазам, компетентноста за работењето на стратегијата, разбирањето за очекувањата кои од нив ги има општината и подготвеноста за тимска работа.

Посебен предизвик е да се креира стратегија со работење од далечина на електронските платформи. На почетокот работењето од далечина ми создаде скептичност дека планираната динамика на работа ќе се успори, но по почетните проблеми, пред сè од техничка природа, се отворија многу можности за размена на информации, работни материјали и поефикасно договарање и работење.

Самиот процес на креирање на стратегијата, во секоја општина до сега беше и сè уште е позитивна приказна, секоја на свој начин со многу позитивна енергија и залагање на тимот при работењето. Имплементацијата на стратегијата во сите општини во коишто таа е донесена пред една година, ни дава за право да кажеме дека ќе бележиме специфични и успешни приказни во наредните години.

Во оваа прилика задоволство ми е да искажам голема благодарност за сите членови на Комисиите во сите општини за посветеноста во креирањето на стратегиите, дури и во моменти кога нивни блиски се соочуваа со проблеми предизвикани од короната.

Исто така, на заедничко задоволство на сите е што Советите на општините ги препознаа позитивните придобивки од донесувањето на Стратегиите за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество, и истите се донесени со големо разбирање.