Интервју со Драган Јанков и Бедри Ѓуреци, директори на училишта во Струмица и Сарај

3301
Неретко се вели дека воспитувањето на децата во рамки на образовниот систем е запоставено. Иако повеќето училишта се фокусираат на образованието на учениците, сепак, неспорно е дека целиот образовен процес влијае на оформувањето на младите и нивните ставови.
Прочитајте го интервјуто со Драган Јанков, директор на СУ „Никола Карев“ од Струмица и Бедри Ѓуреци, директор на СУ „Сарај“ од Сарај и дознајте како овие две училишта партнерски соработуваат за да ги научат младите на соживот.


Драган Јанков, директор на СУ „Никола Карев“ од Струмица и Бедри Ѓуреци, директор на СУ „Сарај“ од Сарај

Како раководител на училиштето, директорот има клучна улога во креирањето на училишните промени. За успешно да се реализираат ваквите промени, важно е директорот да даде и личен пример, како за наставниците, така и за учениците. Како се запознавте вие? Од каде потекна иницијативата за партнерство помеѓу вашите две училишта?

ДЈ: Како директор на СОУ „Никола Карев“, средно стручно училиште кое е пример за училиште со ученици од различни етнички заедници секогаш сум за заедничка соработка со припадници на различни култури. Причината за тоа е многу едноставна, а таа лежи во интеркултурната комуникација која не учи како да ги надминеме бариерите на различните култури преку учење на разликите, избегнување на предрасудите и стереотипите и прифакање на секоја култура таква каква што е. Со директорот на училиштето од Сарај се запознавме на обуката за директори, а до ден денес сме многу добри пријатели.

БЃ: Со директорот на СУ „Никола Карев” од Струмица се запознавме кога бевме на обука за директори пред четири години. Разговаравме еден со друг, се здруживме, но засновавме и професионална соработка. До иницијативата за партнерство меѓу нашите училишта дојде поради поканата од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието да учествуваме во проектот преку склучување на партнерство со друго училиште, каде што наставата се одвива на различен наставен јазик. За да работиме на подобрување на меѓуетничката интеграција, направивме партнерство со СУ „Никола Карев” – Струмица.


Учениците од Струмица и Сарај учествуваат на заедничка работилница

Сарај и Струмица се наоѓаат на два различни краја од државата. Како успевате да овозможите контакт помеѓу учениците и наставниците од вашите училишта? Што подразбира партнерството и дали има резултат од активностите?  

ДЈ: Како училиште со ученици од различни етнички заедници учествуваме во многу проекти за меѓуетничка интеграција. Партнерството со Сарај е едно прекрасно искуство за учениците и наставниците. Минатата година бевме дел од проект поддржан од Општина Струмица и активностите се одвиваа во Струмица. Станува збор за цртање во црква – џамија, спортски игри без граници и сето тоа беше заокружено со заедничка дружба – ручек. Оваа година ние бевме гости во Сарај исто преку проект за меѓуетничка интеграција. Искуството е незаменливо, а учениците и наставниците се дружат, учат за своите култури и ги надминуваат бариерите во комуникацијата преку прифаќање на разликите.

БЃ: Бидејќи јас и г-дин Јанков се знаеме од порано, веќе имавме пријателски односи и лесно беше да се оствари контакт и дополнителна соработка со него. Според мене, самиот збор партнерство се подразбира преземање на активности заеднички од страна на неколку субјекти за реализирање на конкретна цел – само така може да се постигне посакуваниот успех. До сега, успешно ги реализиравме сите заеднички активности и постигнавме многу добри резултати.


Заедничка спортска активност во Сарај

За да се одржи оваа иницијатива, покрај другото, потребни се и финансиски средства. Каква е вашата замисла за долгорочно продолжување на партнерството?

ДЈ: Секогаш ќе поддржуваме вакви проекти и активности кои имаат цел да ја подобрат комуникацијата помеѓу различните култури бидејќи тоа е клучно во образовниот процес и ќе ги подготви учениците да бидат толерантни во однос на различните култури уште од најрана возраст и ќе ги научат да продолжат во таа насока и во иднина.

БЃ: За да може квалитетно да се одржува партнерството, требаат многу повеќе средства. Мора да пронајдеме начин затоа што целта на ваквите активности е многу важна, и за нашите ученици, и за младите во државата воопшто.


Учениците на заедничка посета на Кањон Матка

Што ве мотивира во вашата работа? Што би им порачале на другите директори?

ДЈ: Она што најмногу ме мотивира се задоволни, среќни и успешни ученици и наставници. Вклученоста во најразлични проекти за време и вон наставата се клучни за подобрување на најразлични компетенции како на наставниците така и на стручните служби, а без професионален развој и доживотно учење во денешно време на постојани промени е тешко да се постигне успех или било каков напредок.

БЃ: Во мојата работа ме мотивира постигнатиот успех до сега, задоволството на учениците и родителите кое е многу битно за мене и се надевам дека вака, па и уште подобро ќе продолжам понатаму .