Интервју со Бранко Алексовски, советник во ЦСОО: Многу е важно да ја гледаме мултиетничноста како предност

3054
Во изминатиот период, на иницијатива на Град Скопје, Министерството за образование и наука и клучните образовни институции, четири средни стручни училишта од Град Скопје беа вклучени во пилот иницијатива за спроведување на заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици. Реализацијата на заедничките часови во СЕПУГС „Арсени Јовков“, АСУЦ “Боро Петрушевски”, СУГС „Браќа Миладиновци“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“ беше поддржана од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и МЦГО, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Во второто полугодие од учебната 2018/2019 година се реализираа повеќе од 700 заеднички часови што им овозможи на околу 450 ученици кои учат на различни наставни јазици да остварат интеракција, да учат заедно и да го унапредат нивното знаење. Прочитајте го интервјуто со Бранко Алексовски, советник во Центарот за стручно образование и обука и дознајте повеќе за оваа иницијатива.


Бранко Алексовски, советник во Центарот за стручно образование и обука

Учениците кои учат на различни наставни јазици ретко имаат можност за меѓусебен контакт во училиштата, поради што не постои целосна интеграција на младите од различни етнички заедници. Како одговор на овој предизвик Град Скопје иницираше пилот програма за одржување на заеднички часови со ученици кои учат на различни наставници јазици, а советниците од Центарот за стручно образование и обука редовно ја следеа реализацијата на часовите. Какви се Вашите согледувања во однос на оваа иницијатива?

Основната карика во едно општество е да се гради систем во којшто навистина сите ќе бидат еднакви. Со оглед на тоа што живееме во општество со граѓани од различна етничка припадност, многу е важно да ја гледаме мултиетничноста како предност и да изградиме таков систем во кој сите ќе се чувствуваат рамноправно и со еднакви можности. Кога зборуваме за градење на систем мислам дека со овие активности ја правиме вистинската работа бидејќи е опфатена најосетливата категорија, а тоа се младите, адолесцентите кои се формираат како личности.

Бидејќи градењето на системот е процес кој не може да се заврши преку ноќ, а праксата покажува дека и со најдобите проекти тешко се обезбедува одржливост на постигнатите резултати на подолг период, сметам дека преку изборот на младите го избравме најефективниот и најефикасниот начин за обезбедување на одржливоста. Доколку преку активностите младите ја сменат матрицата на размислување и разберат дека различностите се предност на едно општество, мислам дека ќе успееме во нашата мисија.

Ја поздравувам оваа иницијатива на Град Скопје и на сите други кои го поддржаа овој процес – Министерството за образование и наука, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, ОБСЕ и останатите партнери. Направен е добар избор во однос на училиштата, тоа се училишта во коишто се изведува настава на два јазици. Нешто што ме воодушевува од ова што јас имав прилика да го воочам во текот на посетите на училиштата и соработката со наставниците е свеста што владее кај наставниците дека тие прават една историска и значајна работа за општеството и дека се трудат тоа да го завршат професионално.

Од друга страна, имав можност да ја видам и самата атмосфера во училиштата. Кога ги посетував часовите веднаш можев да ја забележам позитивната атмосфера, позитивното однесување и соработка меѓу учениците и наставниците. Тоа зборува дека активностите се реализираат рутински и континуирано, а не заради моето присуство на часовите. Факт е дека ова што го правиме не е доволно и треба да продолжиме со активностите и понатаму, со тенденција секоја наредна година да се вклучуваат нови училишта и поголем опфат на ученици и наставници.


Обука за наставници за реализирање на заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици

Во иницијативата беа вклучени повеќе засегнати страни – директорите на училиштата, наставниците, учениците, но и родителите. Колку е важна соработката меѓу нив за успешно да се реализираат часовите?

Менаџментот во училиштето треба да биде свесен дека часовите со мешани паралелки подразбираат и одредени модификации во техничкиот дел – соодветни училници бидејќи при групирањето доаѓа до зголемен број на ученици во паралелка, подготовка на техничка опрема, наставни материјали и слично. На пример, на најголемиот дел од часовите се користат по два ЛЦД проектори и два компјутери во исто време, за да може презентациите да ги разберат сите ученици. Материјалите коишто им се даваат на учениците исто така треба да бидат подготвени на двата јазика. Има доста предуслови што треба да се исполнат. Ако менаџментот не ги разбира потребите на таквите паралелки, може да дојде до демотивација на наставниците и истото да се рефлектира врз квалитетот на наставата.

Со родителите како „надворешен“ фактор јас немав прилика да се сретнам, меѓутоа во неколку наврати ми беше посочено дека спроведувањето на овие активности подобро функционира доколку пред да се започне со активностите, родителите се информирани за тоа како точно ќе се одвива процесот и доколку ја дадат својата поддршка. Родителите некогаш добиваат и неточни информации, на пример, мислат дека им се наметнува на децата да учат на друг јазик којшто не го познаваат. Но, тоа не е така и треба да им се објасни дека сите ученици имаат можност да го остварат своето право целосно да ја следат наставата на својот мајчин јазик, со тоа што во комбинирани групи, имаат шанса да научат и некој нов збор на друг јазик и да комуницираат со ученици од други еднички заедници.

Во воспитно-образовниот процес, ученикот е во центарот на вниманието, но во спроведувањето на овие активности наставникот ги координира сите активности и е во центарот на збиднувањата. При посетите видов дека наставниците се добро подготвени што значи дека секогаш пред часот веќе имаат изработено целосен план за работа и подготвени материјали на два јазици. Најважно од сè, бидејќи се работи за двајца реализатори на наставата истовремено, нивната координација беше на многу високо ниво – не постоеше доминација не „едниот“ или „другиот“ наставник. Ова е важно за наставниците да го задржат својот професионален интегритет, а од друга страна и часот да може квалитетно да се рализира.

Основно правило е секој наставник треба да биде целосно сигурен дека во ова верува и дека навистина сака да го работи. Доколку наставникот има резерва или се бори самиот со себе дали ова го прави од срце и во контекст на општествената одговорност или само за да земе плата, тогаш подобро е да се повлече од процесот. Засега, моите впечатоци се дека не постојат такви наставници, што значи дека изборот е добро направен.

Ова е важно и затоа што авторитетот на наставникот се рефлектира врз целокупната атмосфера на часот. При обработка на податоците од анкетите со учениците, некој од учениците напишал дека прифатил да учествува во ова само затоа што многу ја цени професорката. Од тука гледаме колку е важен наставникот во спроведување на ваквите часови.

Значајно е да се истакне дека работата во мешани паралелки не смее негативно да се одрази врз постигнувањето на целите или резултатите од учење. Тоа значи дека умешноста на наставниците се гледа токму во тоа што тие треба да ги водат учениците кон постигнување на целите, но преку активности во заеднички групи.


Интеракцијата помеѓу учениците кои учат на различни наставни јазици ја подобрува меѓуетничката кохезија меѓу младите

Над 90% од учениците кои беа анкетирани велат дека стекнале нови пријатели кои учат на друг наставен јазик, а над 80% би сакале и во наредната учебна година да имаат заеднички часови со ученици кои учат на друг наставен јазик. Како позитивни искуства ги наведуваат можноста да научат повеќе за културата и традицијата на „другите“, соработката со ученици од други националности, како и дружбата и меѓусебното прифаќање. Каква е улогата на општините за да може да продолжат ваквите иницијативи и во иднина?

Не може да има долгорочна одржливост ако ние работиме само со проекти. Праксата покажа дека со завршување на проектите, активностите живеат уште неколку години, но со постепено спласнување, а на крајот и загаснување. Затоа, мора да постои институционализација на процесот. Ова воопшто не е едноставно, но добрите практики како оваа може да одиграат клучна улога во овој дел, затоа што ние секогаш гледаме да имаме практични докази дека нешто функционира.

Мислам дека општините ќе бидат клучен фактор во институционализирање на процесот, доколку во нивните политики промовираат вакви вредности и ако се увиди дека на овој начин децата повеќе се дружат и тоа е докажано преку статистички податоци. Министерството за образование и наука сметам дека нема да биде воопшто пречка, бидејќи веќе има формирано Работна група за меѓуетничка интеграција во образованието, а моментално во тек е и подготовката на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија.

Искрено се надевам дека за 10 или повеќе години овие активности ќе бидат видливи, ќе живееме и работиме едни со други без предрасуди и стереотипи, но за да се дојде до тоа дефинитивно е потребен голем напор и систематска работа. Им честитам на професорите кои вложуваат огромна енергија за да ги реализираат ваквите активности. Сметам дека треба да се изнајдат начини за професорите да се мотивираат да продолжат со овој процес и истото да го прават попосветено и поквалитетно.