Интересни дигитални активности во рамки на заедничките секции за меѓуетничка интеграција во училиштата

2000
Во рамки на училишните секции во кои членуваат ученици од проектните основни училишта коишто учат на различни наставни јазици, преку далечинска форма учениците се дружеа и учествуваа во интересни дигитални активности. Овие активности се дел од проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската Фондација Песталоци.

Поради кризната состојба со COVID-19, многубројните иницијативи продолжуваат да се спроведуваат преку дигитални платформи и алатки. Преку заедничка соработка, учениците успеваат да создадат креативни производи и да истражуваат на теми што се од нивен интерес.

Како дел од секцијата „Ковачи на учењето“ од ОУ „Панајот Гиновски“ во Скопје, учениците дискутираа за техниката везење и ги презентираа своите изработки. На парче платно, тие извезоа по една буква од пораката „#STAY HOME!“ за да ја подигнат свеста за заштита на здравјето и спречување на ширењето на вирусот. Исто така, учениците дискутираа и за можни идни активности, па решија да направат и електронски весник во кој ќе ги објават сите досегашни изработки.

Учениците од ОУ „Маршал Тито“ од Струмица, исто така продолжија со активностите во рамки на нивните секции. Учениците од секцијата „Млади истражувачи“, на нивна иницијатива спроведоа хуманитарна активност за изработка на 100 заштитни маски од старата облека која им била во добра состојба, наменети за повозрасното население или за оние кои не се во состојба да ги набават истите.

Во изминатиот период, во ОУ „Маршал Тито“ од с. Муртино се реализираа повеќе активности во рамки на секцијата „Млади физичари“. Една од нив е изработка на електромагнет преку безбеден домашен експеримент без употреба на електрична струја. Учениците на парче меко железо направија стотина навивки од слаба бакарна жица. Краевите на жицата ја поврзаа со половите на батеријата. Откако беше изработен електромагнетот, преку дигиталните платформи за комуникација со нивните наставници дискутираа за начинот на кој тој работи и неговата применливост во секојдневниот живот.

Активностите кои се реализираат во рамки на секциите ги поттикнуваат младите да преземат интересни иницијативи и им давaат можност да се забавуваат заедно додека се дома и да учат во духот на меѓуетничката интеграција.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, поддржан од Детската Фондација Песталоци (ДФП).