На 12 септември, 2019 година, Центарот за стручно образование и обука и Државниот просветен инспекторат потпишаа Меморандум за соработка за унапредување на квалитетот на стручното образование, со поддршка од проектот Образование за вработување во Република Северна Македонија (Е4E@мк). Координираното дејствување на институциите и граѓанскиот сектор овозможува подобрување на образованието за развој на стручни вештини, со што младите ќе имаат поголеми можности за вработување.
На почетокот на настанот, пред присутните се обратија министерот за образование и наука, Арбер Адеми, директорката на Центарот за стручно образование и обука, Ајше Селмани, директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски и тим лидерот на проектот Образование за вработување во Северна Македонија, Курт Вутрих.
Министерот за образование и наука порача дека подобрувањето на квалитетот на стручното образование е еден од приоритетите на Министерството за образование и наука, а потенцираше и дека со тоа се очекува да се зголеми интересот на младите лица за запишување во средните стручни училишта.
Директорите на образовните институции дискутираа за предизвиците со коишто се соочуваат, разменија идеи за идни активности и ја потенцираа важноста на заложбата за континуирана меѓусебна соработка, пред сè преку размена на информации и координирано спроведување на активности за остварување на заедничката цел – поквалитетно стручно образование.
Тим лидерот на проектот Курт Вутрих истакна дека покрај подобрувањето на меѓуинституционалната соработка, еден од предизвиците на чиешто надминување ќе се работи во претстојниот период е и зајакнувањето на директната соработка на институциите и средните стручни училишта со работодавачите. На овој начин се очекува учениците да се стекнат со соодветни знаења и вештини со коишто веднаш по завршувањето на образовниот процес ќе може да се вработат и да одговорат на потребите на работодавачите.
Проектот Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е@мк) е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка. Целта на проектот е подобрување на стручните вештини, пред сè на младите, за да се стекнат со добро вработување. Со поддршка на проектот, се воспоставуваат партнерства меѓу средните стручни училишта и приватниот сектор со што се зголемува интересот за стручно образование и понудата на обуки за стручни вештини.