Граѓанско на дело: Учениците преку натпревар по граѓанско образование добија поддршка за реализација на идеи за позитивни промени

797
Во изминатиот период, ученици од деветто одделение учествуваа на натпревар за ученички иницијативи „Граѓанско на дело: Од идеја до позитивна промена“, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младинскиот образовен форум. На натпреварот се пријавија 44 тимови од основни училишта од целата држава од кои беа избрани шест тимови. Тие беа од основните училишта „Перпарими“ од Чегране, Гостивар, „Блаже Конески“ од Прилеп, „Гоце Делчев“ од Неготино, „7 Марси“ од Брвеница и „Кочо Рацин“ и „Димитар Македонски“ од Скопје.

Мотивираните ученици се натпреваруваа во две рунди. За време на првата рунда, беа дел од квиз на знаење и одговараа на прашања од полето на граѓанското образование, спроведувањето на ученичките иницијативи и младинското учество. Трите тимови со најмногу поени продолжија во втората рунда.

Преку презентации на идеи за ученички иницијативи пред комисија составена од стручни лица од оваа област, учениците од основните училишта „Блаже Конески“, „Перпарими“ и „Гоце Делчев“ ја изразија нивната креативност и обезбедија поддршка за спроведување на иницијативите за подобрување на состојбата во нивните училишта. Истовремено, тие ги зајакнаа знаењата од повеќе области поврзани со граѓанското образование како и вештините за аргументирано изразување и претставување на идеи за позитивни промени.

Во следниот период ученичките тимови ќе работат на иницијативи за започнување на училишен блог за зајакнување на гласот на учениците, воспоставување „лабораторија на идеи“ каде ќе се донесуваат одлуки за активности од интерес за учениците и уредување на училишниот двор како место за наставни и воннаставни активности на отворено.

Нетрпеливи сме да ги видиме сите активности кои ќе ги спроведат учениците.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.