„Граѓанско на дело: од училница во акција” – конференција за развој на граѓанското образование и демократската култура кај младите

289
На 23 август, повеќе од 400 ученици од основните и средните училишта низ државата, наставници по Граѓанско образование и претставници од институции и организации се обединија на конференцијата „Граѓанско на дело: од училница во акција”, поддржана од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

За време на настанот се обратија Зеќирија Хасипи, Директор на Бирото за развој на образованието, Шериф Мифтари, Директор на Центарот за стручно образование и обука, Небојша Мојсоски, Директор на Проектот како и Дон Кармин, Директорка на Канцеларијата за развој на УСАИД во Северна Македонија кои ја истакнаа важноста од поттикнување на ученички иницијативи и слушање на гласот на младите за позитивни промени во заедницата.

Во рамки на панел дискусијата беа презентирани постигнувањата во рамки на Компонентата за зајакнување на демократската култура и граѓанските однесувања помеѓу младите и се дискутираше за предизвиците и идните насоки за развој на граѓанското образование.

Истовремено, учениците имаа можност да учествуваат во „жива библиотека” и одблизу да се запознаат со работата на институциите и граѓанските организации – Парламент на Република Северна Македонија, Народен правобранител, Национална агенција за европски образовни програми и мобилност (ЕРАЗМУС), Канцеларија на УНИЦЕФ, Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Државна изборна комисија, Државна комисија за спречување на корупција, Црвен Крст, Сојуз на извидници и Младински образовен форум.

Преку креативни штандови и инспиративни презентации подготвени од дел од учениците и нивните наставници, присутните слушнаа успешни приказни и добри примери од училишниот живот на наставниците и учениците, оние кои најблиску искуствено ја унапредуваат, доживуваат и практикуваат демократската клима во нивните училишта.

Низ годините, во Проектот беа вклучени сите основни и средни стручни училишта од државата, секое со свој значаен придонес во поттикнување на демократската клима и ученичкото учество во своите заедници.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.