Голема младинска акција во „Арсени Јовков“ во Скопје

3693
Повеќе од 200 ученици од четирите скопски училишта АСУЦ „Боро Петрушевски“, СЕПУГС „Арсени Јовков“, СГГУГС „Здравко Цветковски“ и СУГС „Браќа Миладиновци“ заедно организираа младинска акција во дворот на училиштето „Арсени Јовков“. Акцијата е резултат од нивните средби во изминатите месеци на коишто ги идентификуваа предизвиците и можните решенија за подобрување на состојбата во нивните училишта.

Учениците од различни етнички заедници истовремено работеа на повеќе интересни активности. Дел од нив заедно исцртаа графити со мотивациски пораки на ѕидот на училиштето, додека други му дадоа нов лик на спортскиот терен – го обележаа со линии и ставија голови со мрежи.

Младите поставија и клупи за рекреација за време на одморите и корпи за отпадоци. За да ја подигнат свеста за заштита на животната средина, тие хортикултурно го уредија дворот со садење на дрвја и други растенија.

„Го уредивме училишниот двор и се погриживме да изгледа поубаво. Во тоа ни помогнаа ученици од другите училишта.  Навистина си поминавме многу убаво, започнавме нови пријателства и многу сум среќна што бев дел од сето ова“, вели Марија, ученичка од средното училиште „Арсени Јовков“.

„Ни помагаа учениците од другите училишта како да се во нивно училиште. Заедно означивме фудбалски терен и цртавме графити. Ќе одиме и ние во другите училишта за да придонесеме кон поубава иднина и подобри училишта“, додава нејзината пријателка Недиме од истото училиште.

Оваа акција придонесе кон уште поголемо зближување на младите од различни етнички заедници и продлабочување на меѓусебната соработка. Учениците успеаја да ги реализираат нивните идеи, истакнувајќи ја важноста на младинскиот активизам. Со нетрпение ги очекуваат следните акции во останатите три средни училишта.

Акцијата беше поддржана од Град Скопје и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.