Кон крајот на март 2018 година, во соработка со Општина Гостивар и Младински образовен форум (МОФ), во Гостивар се одржа третата младинска дебата од циклусот младински дебати Youth Talks. Во дискусијата на тема „Младите интегрирано делуваат локално“ учествуваа повеќе од 60 ученици од различни етнички заедници од основните училишта „Гоце Делчев“, „Единство Башкими Бирлик“ и „Чајла“, с. Чајле.
На почетокот на настанот, претставник од Општина Гостивар им се обрати на младите при што ги охрабри да дискутираат отворено и ги поттикна да споделат креативни идеи за подобрување на животот на сите граѓани во заедницата.
По поздравните обраќања и од претставници од МЦГО и МОФ, основците работеа во три групи на темите: „Нашето училиште“, „Нашето маало“ и „Нашиот град“. За време на групната работа, тие преку цртежи претставија како би сакале да изгледаат нивните училишта и маала, како и нивниот град.
Врз основа на цртежите за своите замисли, заеднички дискутираа за тоа како тие самите би можеле да придонесат за тоа да се оствари. На крајот, младите групно ги презентираа своите предлози, сумарно отсликани преку презентацијата подолу која дава решенија во неколку области важни за подобрување на животот на младите.
„Поаѓајќи од општата дефиниција за демократија која значи владеење на народот, ние младите од сите етнички заедници полни со животна сила и нови идеи треба активно да учествуваме и да дејствуваме во создавањето на услови за подобар живот на сите граѓани во градот Гостивар, а и воопшто во Македонија. Размислувајќи на оваа тема, би сакала да издвојам неколку свои идеи и предлози за кои се надевам дека ќе бидат прифатени.
Кога конкретно зборуваме за нашиот град, ќе воочиме дека му недостасуваат неколку важни работи за животот на сите нас да ни биде подобар. Да започнеме од екологијата. Во текот на зимскиот и на овој период, загаденоста на воздухот кој ни е неопходен за живот беше и сѐ уште е на високо ниво. Предлагам ние младите да се потрудиме да ја промениме свеста кај луѓето за неопходноста од филтри на оџаците на фабриките, користење на катализатори во возилата за прочистување на издувните гасови, користење на соларна енергија за загревање на домовите наместо огревно дрво, фрлање на отпадоците во посебни контењери според видот на отпадокот, одржување на чистотата во дворовите на приватните куќи и згради, како и на јавните површини (ова е нешто што секој од нас треба лично и секојдневно да го прави) и конечно, изградба на фабрика за рециклирање на отпадот во нашиот град (на местото на старата депонија во местото Русино – извор на многу заразни болести).
Во поглед на културата во градот, треба да дејствуваме во насока на нејзино подобрување. Тоа би го постигнале со отворање на повеќе секции во училиштата во кои младите активно би членувале и културно би се воздигнувале. КУД „Браќа Ѓиноски“ со помош на општината и со наша помош треба да прерасне во центар со повеќе секции кои ќе разбудат поголема заинтересираност кај нас. Треба да се одржуваат повеќе драмски и театарски претстави во културниот дом од повеќе професионални и аматерски театри во нашата држава. Организирање на меѓуучилишни мултиетнички квиз натпревари во знаење и други вештини.
Посебно место кај нас младите зазема спортот. Предлагам да се организираат повеќе меѓуетнички спортски натпревари помеѓу училиштата од нашиот град. Тоа секако би помогнало подобро да се запознаеме и да се дружиме сите ние, без оглед на етничката припадност.
Следно што би сакала да истакнам е потребата од прифатилишта во кои ќе бидат згрижени кучињата скитници.
Од разговори со повозрасните стекнав сознанија дека практичната работа на учениците во разни фирми, компании и во администрацијата во градов, во траење од две до три недели од секое полугодие, а во која се стекнуваме со работни навики и вештини, во минатото време била многу корисна како за општеството, така и за нас младите. Од таа причина предлагам да се вратат праксата како фактор што ќе нѐ мотивира и ќе предизвика интерес за одредени професии кај нас.
Според моите размислувања, ова се само дел од областите на животот во нашиот град во кои ние младите можеме и мораме обединети и интегрирани локално да дејствуваме“.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.