Форум театар како алатка за подобри решенија за проблемите на учениците

3134

„Како би ја решиле вие оваа ситуација?“ беа прашани наставниците додека гледаа театарска сцена што прикажува актуелен проблем со кој се соочуваат учениците од нивните училишта. Потоа, наместо публика, наставниците стануваа актери. Влегувајќи на сцената во улога на ученици, тие даваа свои идеи и придонес за разрешување на дадениот проблем.

Сето ова беше дел од тродневната обука за форум театар, одржана од 25-28 февруари 2018 година во Скопје, на која учествуваа наставници од 8 средни училишта низ државата. Преку обуката, наставниците научија како да го користат театарот како алатка преку која ќе ги поттикнат учениците да размислуваат за конструктивни решенија за социјалните проблеми со кои се соочуваат, но и да преземаат активна улога во решавањето на истите.

Во претстојниот период, наставниците ќе ги искористат стекнатите вештини во работа со учениците, организирајќи форум театри на теми кои ги засегаат нивното училиште и заедница. Учениците ќе имаат можност јавно да ги споделат своите мислења, ставови и идеи бидејќи форум театарот е алатка која овозможува активна вклученост од страна на публиката.

Целта на овие активности не е да им се понуди на учениците совршено решение за дадените проблеми. Напротив, форум театарот може да се гледа како платформа за самите ученици да предложуваат и да тестираат голем број на различни решенија. На овој начин, тие се оспособуваат да практикуваат демократски вредности – да го изразуваат своето мислење и да го почитуваат туѓото, заеднички да донесуваат одлуки и да преземаат акции за позитивни општествени промени.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.