Кон крајот на јуни, 2019 година, се одржа свечено доделување на сертификати на учениците од СУ „Кочо Рацин“ во Велес кои успешно ја завршија двегодишната Access програма. На настанот присуствуваше и Ерик Елиот, претставник од Амбасадата на САД, кој со своето воведно обраќање го одбележа почетокот на настанот и ги поздрави заедничките успеси на учениците и наставници.
За време на настанот, средношколците ги претставија и продуктите кои ги изработиле во изминатите две години пред голем број на родители, претставници од Општина Велес и од Амбасадата на САД, како и ученици од претходната Access генерација.
„Access беше продуктивен начин на поминување на времето. Мислев дека во толку забава и дружење нема простор за учење, но се лажев. Access токму тоа го правеше. Затоа сум благодарен. Низ целата таа дружба освен што учев, го скршив и мразот, па сега се чувствувам слободно додека зборувам на англиски јазик. Низ секој час неразмислувајќи почнуваш да се развиваш во однос на комуникациските способности, критичкото размислување и разбирањето и почитувањето на мислењето на другите. Тоа го прави Access“, вели ученикот Роберто Андов за неговото учество во програмата.
Инаку програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик (Access) има за цел да ги развие кај учениците конверзациските вештини на англиски јазик, преку разновидни активности за искуствено учење. Покрај тоа, nа учениците им се овозможува на несекојдневен начин да го збогатат своето знаење за американскиот начин на живот, образовниот систем, прославувањето на националните празници, политичкиот и културниот живот, како и традициите и вредностите на САД.
„Access за нас учениците значи дружба, многу смеа, учење и напорна работа.Оваа програма ни помогна на сите нас да научиме многу нови работи, да стекнеме нови вештини, да бидеме отворени кон нови можности и пријатели. Access значи учење на англиски јазик на сосема поинаков начин, начин кој претходно не бил достапен за нас. Имаме вистински допир со американската култура и тоа го прави учењето многу позабавно и интерактивно. Но, Access значи многу повеќе од ова. За овие две години ние пораснавме во секоја смисла на зборот. Благодарејќи на Access сега ние имаме поголема самодоверба, имаме прекрасни спомени кои се вредни за споделување и научивме многу нови работи“, додаваат Симона и Анастасија Андовски.
Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик – Access е поддржана од Амбасада на САД во Северна Македонија.