Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието ја продолжува соработката со општините, во насока на јакнење на меѓуетничката кохезија и граѓанските вредности и однесувања кај младите.
Во периодот од 18 до 22 март, 2019 година се одржаа две работилници за јакнење на соработката меѓу општините, училиштата и бизнис секторот. Целта на работилниците беше да се споделат добрите искуства од заедничката соработка меѓу општините и училиштата и заеднички да се разгледаат можностите за поддршка на активности за меѓуетничка интеграција и младински иницијативи од локалната бизнис заедница.
На работилниците присуствуваа одговорните за образование од пет општини: Град Скопје, Гостивар, Куманово, Бутел и Струмица, претставници на тимовите за училишна интеграција (СИТ) од училиштата од овие општини и претставници на локалната бизнис заедница.
Во воведните сесии на двете обуки, раководителот на одделението за инспекциски работи на Општина Струмица, Зоран Узунов и раководителот на Сектор образование на Град Скопје, Даниела Адамова ја потенцираа клучната улога на општината за поддршка на училиштата, а потоа споделија позитивни искуства и добри практики.
„Општина Струмица, во целост ги препознава важноста и улогата на младите во развојот на демократските процеси во општината и подобрување на животот во заедницата. Во оваа насока, ги мобилизираме сите засегнати страни за да го поттикнеме младинскиот активизам во општината, да ја унапредиме соработката со младите и да придонесеме кон нивен постојан развој. Како резултат на овие напори, се донесе „Стратегијата за млади“ која има за цел да обезбеди инклузивен процес и учество на граѓанскиот сектор во процесите на дефинирање на развојните активности и иницијативи на Општина Струмица во областа на младите“, рече Зоран Узунов, претставник на Општина Струмица.
Во натамошниот тек на работилниците, акцентот беше ставен на важноста на тимовите за училишна интеграција за поддршка на активности со ученици од различни етнички заедници, како на училишно, така и на ниво на заедница. Се дискутираше и како може заеднички да се зајакнат капацитетите на младите за организирање на младински иницијативи, а се работеше и на дефинирање на приоритетите во соработката на релација училишта – општина – бизнис сектор.
Во период кој следи, општините заедно со училиштата и приватниот сектор ќе работат на создавање можности за учениците своите идеи ги преточат во конкретни акции.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.