Кога ќе се обединат средношколци во младинска акција се случуваат интересни промени. Младите од четирите скопски училишта СУГС „Браќа Миладиновци“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СЕПУГС „Арсени Јовков“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“ ја организираа четвртата акција, овој пат во дворот на училиштето„Боро Петрушевски“.
По идентификуваниот проблем со недостатокот на место за чување на велосипедите, средношколците поставија нови паркинзи за велосипеди и ги обоија.
„Денеска запознавме многу нови пријатели и веќе сме во контакт. Би им препорачала и на другите ученици да соработуваат на ваков начин зошто многу е интересно и учениците многу повеќе се зближуваат“, вели Ангела, ученичка во АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Средношколците го разубавија и дворот на училиштето со бојадисување на ѕидовите и оградите. Свесни за важноста од заштитата на животната средина, го исчистија просторот и организираа еколошка акција за садење на дрвја.
„Ова е последната младинска акција од акциите што ги имавме во четирите училишта. Навистина многу се дружевме“, додава Бесар, ученик во истото училиште.
Со оваа младинска акција се завршува циклусот од четири акции низ кои младите од овие училишта научија повеќе „едни“ за „други“ и „едни“ од „други“ и го промовираа младинскиот активизам. Исто така, тие соработуваа со локалните власти за да ги реализираат нивните идејни решенија на предизвиците во нивната околина.
Оваа волонтерска акција беше поддржана од Град Скопје и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.