Во изминатите две години во СОУ „Гимназија Кочо Рацин” од Велес успешно се пилотираше програмата Access, поддржана од Амбасадата на САД во РМ, чија цел е учесниците да го изучуваат англискиот јазик, американската култура и демократските вредности. По успешното реализирање на пилот програмата, оваа година програмата продолжи да се реализира со втора генерација на ученици.
Access програмата е со времетраење од две години, а во неа учествуваат дваесет и пет ученици прва, втора и трета година од сите средни училишта од Велес. Одржувањето на часовите се спроведува на неформален начин, интересен и различен од редовната настава во средното образование, преку организирање на креативно – едукативни работилници, како и посветување на внимание на социјалниот аспект помеѓу учениците. На учениците им се овозможува на несекојдневен начин да го збогатат своето знаење за американскиот начин на живот, образовниот систем, прославувањето на националните празници, политичкиот и културниот живот, како и традициите и вредностите на САД.
Покрај редовните часови, кои се одржуваат двапати неделно, програмата предвидува и еден летен и еден зимски камп годишно. Исто така, учениците посетуваат и значајни културни и образовни институции. Се посетуваат и ликовни изложби, театарски претстави и кино проекции, се збогатува и спортскиот дух на учениците преку спортски игри, а интелектот преку интерактивни и креативни работилници.
Во текот на втората генерација од спроведувањето на програмата, се воведоа и два нови методи на учење, кои се различни по својот концепт и овозможуваат стекнување и развивање на нови вештини и кои придонесуваат за подобар развој и поголема самодоверба на учениците.
Методот на ко-наставници (co-teachers) е воведен со цел да им овозможи на учениците, заедно со наставниците, да ја анализираат темата на денот, да истражуваат за истата и да подготват работна програма за часот. Потоа, учениците ја спроведуваат програмата преку интерактивен начин на работа.
Методот на „пончо другар” (poncho buddy) пак, овозможува учениците да работат во парови. Со овој метод, учениците се споени во парови на почетокот на годината и истите остануваат, како такви, во текот на целата година. За време на работењето и на покривањето на темите од курикулумот за работа, пончо паровите работат заедно, си помагаат при зададените задачи, истражуваат на зададените теми и го презентираат сработеното пред целата група.
Овие два методи на работа ја збогатуваат разноликоста на методите за работа, а исто така помагаат и во развојот на личноста на учениците. Покрај усовршувањето на говорниот англиски јазик, со нив се настојува да се достигне поголемо ниво на самостојност и зголемување на самодовербата кај учениците.