11 успешни приказни кои ја одбележаа 2019 година

3268
1. Повеќе од 140 ученици од социјално загрозени семејства добија финансиска поддршка (стипендија) за да се запишат во училиште или за да останат во образовниот систем и покрај ризикот од напуштање на училиштето. За да се олесни инклузијата на учениците стипендисти, редовно се организираа воннаставни активности со нивните соученици.
2. Повеќе од 500 невработени лица учествуваа на обуки за стручни вештини. Над 300 од обучените лица се вработија по успешното завршување на обуките.

3. Се реновираа 22 училишта низ државата. Со ова се овозможија подобри услови за учење и работа за повеќе од 15,000 ученици и 1,500 наставници.

4. Во партнерство со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика се реновираа запуштени објекти во с. Бистренци, Демир Капија и с. Бучин, Крушево. Објектите се опремија со мебел и дидактички материјали за да се овозможи воспитување на деца од предучилишна возраст.
5. Во соработка со Младински образовен форум, се реализираа 18 младински акции – уредување на дворови и паркови, пренамена на училишни простории во младински центри, еко-акции и слични волонтерски иницијативи. Преку ваквите акции, учениците имаат можност да соработуваат со локалните власти и да спроведуваат иницијативи за подобрување на општествените предизвици кои ги засегаат.

6. Како резултат на новиот концепт за Граѓанско образование, се организираа повеќе од 110 отворени денови за Граѓанско образование во основните училишта. Учениците учествуваа во разновидни активности како исцртување на пешачки премин пред или околу училиштата, чистење на околината, разубавување на училишни простории, организирање на кампањи, дебати, работилници и средби со претставници од локалните власти, организирање хуманитарни акции и воспоставување на претставнички тела на учениците.
7. На иницијатива на Град Скопје и Министерството за образование и наука, во шест средни училишта во Град Скопје редовно се реализираа заеднички наставни часови со ученици кои учат на различни наставни јазици. Од направеното истражување со учениците кои учествуваа во оваа иницијатива, се увиде дека околу 90% од нив се дружеле, комуницирале и стекнале нови пријателства за време на часовите, а 80% би сакале да имаат заеднички ученички часови и во наредната учебна година.

8. Околу 50 повеќејазични училишта редовно организираа средби на заеднички секции во кои учествуваа ученици кои учат на различни наставни јазици. Наставниците кои во минатото воделе секции на различен наставен јазик и нивните ученици работеа заедно во една секција на иста тема во своето училиште, а притоа учениците се запознаа меѓусебно подобро, соработуваа и заеднички создаваа продукти.
9. Дваесет и две еднојазични училишта реализираа воннаставни активности во партнерство со еднојазични училишта во коишто наставата се одвива на различен наставен јазик.

10. Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик – Access се прошири на уште пет локации низ државата. Преку разновидни активности за искуствено учење, 125 средношколци кои за прв пат ќе учествуваат во програмата ќе имаат можност подобро да го научат англискиот јазик.

11. Советници од Бирото за развој на образованието и практичари беа обучени за нова образовна програма којашто опфаќа теми како што се животни вештини, кариерен развој и медиумски компетенции во рамки на проектот PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаења.