Новиот проект „Одржливи вештини за обучувачи на практиканти во инцијалното стручно образование и обука (ИСОО)“ официјално започна во рамките на Програмата Еразмус+ во областа на стручното образование и обука, во партнерство со Фондацијата за модерно образование (Бугарија), Гранската комора за дрвна индустрија и изработка на мебел (Бугарија), M&M Profuture Training, S.L. (Шпанија) и Центар за стручно образование и обука Паневежис (Литванија). Партнерските организации го одржаа првиот почетен состанок преку платформата ZOOM на 10 ноември 2020, поради состојбата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19.

За време на состанокот, претставниците од партнерските организации дискутираа за општите аспекти на проектот, а потоа подетален фокус беше ставен на неколку клучни точки. Координаторот од Фондацијата за модерно образование (Бугарија) го сподели логото на проектот и истото беше добро прифатено од сите партнери коишто констатираа дека совршено одговара за овој проект. Исто така, активирана е веб страната на проектот и на неа можат да се најдат повеќе информации во врска со образложението на проектот, проектните партнери, тековните активности и др. – https://sustainvet.com/.
Сите партнери беа запознаени со процедурите на управување и договорните обврски. Беа образложени и процедурите за буџетирање и координаторот на проектот одржа презентација во врска со нив.
Во понатамошната дискусија, поголем фокус беше ставен на изготвувањето на првиот Интелектуален труд, којшто претставува Напредна програма за обука за обучувачи наменета за обучувачите на менторите од компаниите. Главната цел на овој производ е да се изгради и да се зајакне капацитетот на обучувачите со серија на релевантни компетенции поврзани со учење базирано на работа како што се: обука на компаниските ментори за изготвување на учебни планови во согласност со обуката во училиштата следејќи го пристапот базиран на конкретни ситуации; како да се воспостават процедури за оценување на напредувањето на практикантите; како да се комуницира со давателите на СОО; како да се воспостави соодветен процес на давање повратни информации, како и техники/методи за обезбедување релевантни обуки за ментори. Од аспект на реализацијата на првиот интелектуален труд, исто така беа анализирани и дискутирани клучните чекори и беа елаборирани задачите за секоја организација.
Почетниот состанок беше одлична можност за партнерите да се соберат заедно и подетално да дискутираат во врска со следните чекори во однос на активностите на проектот. Состанокот заврши успешно, со договорени задачи и одговорности за секоја партнерска организација за претстојниот период.