На 28 мај, 2019 година, повеќе од 100 млади од Куманово организираа волонтерска акција за уредување на еден од парковите во градот, со поддршка од општина Куманово и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. Во акцијата учествуваа ученици од средните училишта „Перо Наков“ и „Киро Бурназ“, а присуствуваa и вршителката на должност директор на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Гречен Биркл, потполковникот Ерик Рајс од Военото аташе на САД и мајор Патрик Енрикез од Канцеларијата за одбранбена соработка на Амбасадата на САД во РСМ.
Младите го исчистија отпадот во паркот и поставија корпи за отпадоци, ја искосија тревата, ги уредија зелените површини и поставија жардинерии, ги заменија оштетените даски на клупите со нови, ги бојадисаа бетонските и металните конструкции во паркот и поставија ново осветлувањето во паркот.
Иницијативата на младите е резултат на подолгорочен процес којшто започна во април, кога учениците од различни етнички заедници се сретнаа за прв пат и дискутираа за проблемите со кои тие, како млади личности се соочуваат во својот град. Потоа учениците даваа конкретни предлози за решавање на проблемите и се сретнаа со градоначалникот на општината за да му врачат писмо со конкретни препораки за разубавување на градот.
„Чувствувавме дека сакаме да придонесеме за подобрување на локалната заедница и затоа доставуваме писмо со препораки преку кои веруваме дека ќе придонесеме кон нашата цел, подобрување на состојбата во инсфраструктурата на градот, истовремено овозможувајќи поубав простор за рекреација и слободно време на сите граѓани во нашиот град. Бидејќи овој парк се наоѓа во близина на училиште, но и во близина на неколку станбени објекти, неговото обновување е од суштинска важност за градот“, стои во писмото на учениците преку кое тие ја изразија својата подготвеност да се вклучат во волонтерска акција и побараа поддршка од општината за реализација на акцијата.
Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието е петгодишна иницијатива за зајакнување на меѓуетничката кохезија меѓу младите и развој на демократските и граѓанските однесувања. Преку создавање можности за учениците да се дружат и да соработуваат на разни граѓански иницијативи, проектот негува позитивни интеракции помеѓу етнички разновидната младина на ниво на училиште и заедница.
Оваа учебна година, Општина Куманово и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието во партнерство реновираа две училишта, со финансиска поддршка од Европската команда на САД. Во средното училиште „Перо Наков“ се променети прозорите во училниците и подот во една училница, додека пак во ОУ „Кирил и Методиј“, с. Романовце, Куманово се променети прозорите и вратите во училишната зграда на централното училиште.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.