Мартин:
Изминатите неколку месеци имав прилика да учествувам во МИО (мултиетничка интеграција во образованието) часовите. Како заедничка задача имавме да испроектираме павилјон кој што се предвидува да се изведе во училишниот двор.
На почеток бевме поделени во неколку групи и на секоја група и беше зададена задача која на некој начин доведе до повеќе аспекти на дејност како проектантската каде што направивме план и ја поделивме материјата. Исто така дојдовме и до истражувачка дејност, откако ги измеривме зададените места, започнавме со анализа на просторот.
МИО часовите за мене влијаеа многу позитивно, бидејќи самото учество на часовите придонесе до формирање на нови пријателства, запознавање на различни карактери и мислења. Покрај тоа, стекнав искуство за тимска работа што бара одговорност која ја исполнуваше секој од нас, дисциплина и внимание.
Од друга страна, што веќе е познато, архитектурата како професија бара многу посветеност, издржливост, креативност и организација, па со самото тоа што заеднички пристапивме до оваа одговорност, преовладуваше чувството на задоволство за усовршување на своето мајсторство. Градевме односи врз основа на доверба и почит и бевме колегијални во извршувањето на обврските.
По анализирањето и проектирањето, дојдовме до решение кое што ги задоволуваше сите очекувања и ги исполнуваше желбите на секој од нас. Јас секако и понатаму би сакал да учествувам во повеќе МИО часови, бидејќи резултатот на оваа наша тимска работа беше инспирација за понатамошни исти или слични проекти.
Веиз:
Изминатите месеци ја имав можноста да учествувам во проектот за меѓуетничка интеграција. Имавме заедничка задача со нашите другари од македонската страна. Професорите нè поделија во измешани групи и ни зададоа задачи за да ги изработиме. На почетокот имавме малку проблеми во меѓусебната комуникација поради недоволното познавање на јазикот на другиот, но многу бргу ги надминавме тие тешкотии и задачите ги извршувавме со леснотија.
Имам многу добро мислење за заедничките часови бидејќи сум запознал многу другари и меѓусебно сме размениле разни идеи.
Бидејќи во насоките на инжернерството се работи во групи, ваквиот проект ни послужи да научиме да се координираме со сите. Бевме многу почитувани од професорите и поминавме многу добро. Доколку уште еднаш ми се даде можност, повторно би сакал да бидат дел од овој проект.