Дилај:
Заедничките часови со учениците од паралелката на македонски јазик за мене беше убаво, ново и возбудливо искуство. Пред сè би сакала да искажам благодарност до нашето училиште и нашите професори по англиски јазик што ни овозможија ваков вид на интеракција. Иако се одржуваше од далечина, без физичко присуство, сепак ни овозможи еден вид на меѓусебно запознавање и доловување барем на дел од атмосферата од нивните часови.
Овој заеднички проект иако во услови на пандемија ни помогна многу во запознавањето со нови луѓе, наши соученици. Имавме можност преку заедничките проекти да им претставиме дел од нашата култура, како и тие од нивната култура. Исто така обработивме теми кои се актуелни за денешницата и споделувавме мислења околу истите. Би сакала и во иднина кога наставата ќе биде со физичко присуство да имаме слични проекти. Можеме да организираме квизови со мешан состав и да се натпреваруваме или пак да обработиме некое дело од познат автор во вид на претстава.
Александра:
Заедничките часови со учениците од паралелка на турски наставен јазик мене лично, но и на моите сооученици многу ни се допаднаа и секако би сакале да се одржуваат и следната година. Оваа година успеавме да научиме многу нови работи и овие часови исто така ни овозможија да оствариме нови пријателства. Работевме многу теми како на пример: ,,Aliens”, ,,Greed for power”, ,,6 job that will not exist in 50 years” и многу други.
Најинтересна тема од овие часови ми беше последната тема каде истражувавме и правевме проекти за „Easter“ и „ Eid Mubarak“. Од овие истражувања нaучивме многу за празниците на христијанската и исламската вера. Часовите беа потполно исполнети со дискусии, изработување видеа и вежби што ни даде можност креативно да се изразиме.
Секако оваа година поради пандемијата часовите се одвиваа онлајн и не можевме целосно да ја доживееме атмосферата на заедничка работа. Се надевам следната година дека ќе биде сè во ред и би можеле повторно да се дружиме.
Дилара:
Да се биде дел од овој проект беше одлично искуство и за мене има огромно значење. Најзначајното, најубавото и најзабавното беше запознавањето со нови другари, соученици, карактери и др. За време на целиот проект доживеав навистина убави моменти и искуства.
Најдоброто што го доживеавме беше тоа што сите се вклучувавме во дискусиите на одредени теми, сите споделуваа свои мислења и искуства и тоа што имавме неограничена слобода во однос на проектот и на истражувањата што ни овозможи да се надоградиме и да си воспоставиме нови цели. Со оглед на тоа што има голем придонес во социјализирањето, размислувањето и пронаоѓањето на нови решенија јас пак би сакала да се вклучам во проектот доколку се реализира и следната година. Оваа година проектот се реализираше онлајн, но се надевам наредната година ќе биде со физичко присуство што би придонело до поголем успех.
Драгана:
Моето мислење за заедничките часови е дека тие се многу корисни. Сите ученици што сме дел од овие часови се запознавме меѓу себе, делиме свои мислења и го надополнуваме своето знаење.
Овие часови се организирани од страна на нашата професорка по англиски јазик Невенче Стефанова и професорката по англиски јазик Ширин Шабан. Тие се потрудија да ни ги направат часовите најинтересни и истовремено поучни и корисни.
Заедно дискутиравме на многу теми, како што се: ,,Aliens”, ,,Six jobs that actually exist”, ,,Easter”, ,,Eid Mubarak”. Преку презентации, текстови, видеа, разговори ние успеавме да се запознаеме и да научиме нешто повеќе за двете религии.
Поради ситуацијата во која се наоѓаме сите, нашите часови се одржуваа онлајн. Сите би сакале и се надеваме декa следната учебна година ќе имаме можност овие часови да ги одржуваме во училиште, со физичко присуство.