Новица:
Во 2020 година се соочивме со нешто ново за сите нас. Се сретнавме со нешто кое што никој не се надеваше дека може да постои. Корона вирус. Часовите по англиски се многу интересни, но тоа што не сме заедно со учениците не ми се допаѓа.
На сите нас животот ни се смени од корен, за 180 степени. Средношколците требаше да се привикнуваат и на еден нов вид настава, за нас скоро непознат начин за предавање. Ни создадоа онлајн платформа за учење од далечина, ги скратија часовите, но и ја прекинаа физичката дружба со децата од друга етничка припадност. Не бевме свесни ниту спремни за новото нормално.
Онлајн наставата сама по себе си носи свои предности и маани и секој од нас наоѓа сопствен начин да се приспособи кон тој начин на исполнување на обврската за следењето на истата. Исто како и сите, така и јас се навикнав на новата ситуација која претставува подеднакво важна како и кога следев настава од училишните клупи. Секако дека престојат и проблеми при вклучувањето на платформата, како и слабиот интернет или забуна со некое друго „катче”, па некогаш знаеме да влеземе во туѓа училница. Ми се допаѓа начинот на кој можеме да се вклучиме, дали е тоа преку мобилен телефон, компјутер, лаптоп или некој друг паметен уред кој ни ја овозможува плаформата и следење настава на истата.
Секако дека онлајн наставата не може да ни го замени училиштето. Ако бирам помеѓу училиштето и онлајн наставата секако дека би го одбрал училиштето. Самата интеракција помеѓу професорите и учениците е значен дел од развитокот на една личност која се наоѓа во образовен процес. Не само што ми фали наставата ми фали и дружбата. Дружбата од средно со ништо не може да се спореди или пак замени. Не гледавме која етничка припадност сме, битна ни беше дружбата, секогаш имаше слога помеѓу нас никој со ништо не се обидел да повреди или пак да го наруши мирот на една личност, одењето на кафиња после часовите. Личностите кои бевме тогаш и личностите кои сме сега, ништо не е исто, никој не е ист, сите сме исцрпени, ја немаме таа комуникација која ја имавме.
Заедничките часови сами по себе се интересни, но со онлајн наставата сметам дека основната цал не се постигнува. Физичкото дружење и социјалниот контакт со нашите соученици од албанска настава не се случи. Но, сепак многу сум благодарен што имавме барем некакви контакти, иако тие беа онлајн, и се надевам кога ќе се вратиме во училиште, ќе го надополниме изгубеното време за дружење.
Асип:
Пред да почнеме со онлајн наставата , во училиште со нашата наставничка по англиски јазик , влеговме во еден проект со албанската паралелка. Кога влеговме заедно во проектот држевме заеднички часови, научивме многу нови работи, стекнавме нови пријатели и научивме многу. И кога бевме онлајн држевме заедно часови со истиот проект, но ни фали дружбата и учењето во училишните клупи.
Сепак учењето од далечина ни беше уште едно „школо“ во нашиот живот од кое научивме многу добри и поучни работи, но и некои работи кои не беа добри кои треба да ни бидат пример во животот. Затоа сакаме побрзо да се заврши ситуацијата и сите среќни да се вратиме во училишните клупи.
Виктор:
На нас учениците ни беше како бајка, се радувавме па потоа тагувавме. На почеток сите се радувавме дека нема училиште, нема тестови, нема испрашување, но потоа дојде тешкото. Ни кажаа дека мораме да учиме онлајн, преку компјутери, таблети, телефони. На сите ни беше чудно и интересно првиот пат, но после сфативме дека училишната клупа не може да биде заменета со ништо. Немавме дружења, по цел ден дома затворени. Скоро секој ден треба да си пред телефон или компјутер да ја следиш наставата, па некогаш имаш некој проблем како на пример снемаш батерија, слаб интернет и многу други проблеми.
Заедничките часови со учениците кои следат настава на албански јазик е добра, но многу подобро беше минатата година во првото полугодие, кога сите заедно бевме во училница и работевме во групи, споделувавме интересни информации и имавме можност да учиме повеќе едни за други. Навистина онлајн наставата е добра, но сепак друг е ефектот кога ќе се поздравите со другарот, кога на часот ќе се насмеете за нешто и слично.