Анастасија:
На почетокот на октомври нашиот раководител на паралелката ни соопшти дека нашата паралелка ќе биде вклучена во проектот за мултиетничко образование. Таа ни објасни дека дел од часовите ќе ги држиме заедно со наши соученици од прва година кои држат настава на албански наставен јазик. Морам да признаам дека на почетокот оваа идеја ми звучеше многу чудно и необично со оглед на јазичната бариера меѓу нас учениците.
На првиот заеднички час некако сите бевме како во грч, напнати, имавме измешани чувства, како да се срамевме да изустиме некој збор. Професорките Беса и Убавка умешно ја разбија таа трема меѓу нас токму со нивниот спонтан и непосреден однос. Тие ни поставија пример како треба да се почитуваме и да се однесуваме меѓу нас.
Часовите се нижеа и секој нов час претставуваше нов предизвик за сите нас. Полека започнавме да се запознаваме,да се опуштаме во дискусиите и секој од нас да ги брани своите аргументи и ставови. Ваквата активност ни помогна да ги развиваме нашите критички ставови кон одредени теми кои ги работиме на часовите како што се: грижата за сопственото здравје, начинот на исхрана,грижата за животната средина,стереотипите,традициите, да се запознаваме па макар и виртуелно…
Ваквите часови се добра идеја за да се развива мултикултурниот дух кај нас учениците но сметам дека треба да бидат организирани како дополнителна или воннаставна активност а не во склоп на редовната настава. Мислам дека треба да се остави можност учениците сами да се вклучуваат во ваквите активности,за да не се почувствува дека нешто ни е наметнато и мора така да биде.
Присуството на овие часови за мене е едно ново и пријатно искуство кое ми донесе нови пријателства.
Алма:
Ми беше задоволство да учествувам во овие активности. Уживав на секој час што го имавме и секој час имаше моќна порака за сите нас. Дискутиравме на теми кои се важни за нас како млади личности.
Не би го менувала ова и би продолжила со часовите на неделно ниво. Професорите беа многу фини и разбираа и ценеа сè што правевме и дискутиравме. Како ученичка, мислам дека заедничките часови се одлична идеја бидејќи освен што дебатиравме заедно, со нашите соученици од друг наставен јазик станавме и пријатели, што беше навистина забавно.
Сите беа културни и учтиви. Уживав на секој можен начин!
Душко:
Уште кога бевме трета година средно образование, на првиот час по практична настава професорката ни кажа дека го избрала нашиот клас за учество во еден проект т.е одржување на мултиетнички часови. Со задоволство целиот клас прифативме, слушајќи ја професорката која ни разкажуваше за нејзиното искуство со претходните генерации. По успешно завршениот прв час ние со нетрпение го чекавме наредниот затоа што се запознавме со учениците од другите националности. Заеднички работевме, комунициравме, се дружевме и после часовите дури и разработивме планови кои требаше заеднички да ги реализираме, но за жал ситуацијата со вирусот не спречи во тоа и така ја завршивме учебната 2019/2020 година.
Кога ја започнавме учебната 2020/2021, на првиот час професорката по германски јазик не праша дали нашиот клас би сакал повторно да биде дел од проектот за мултиетнички часови кои ќе ги одржуваме онлајн како и редовната настава. Изненадени, но со огромна желба и мотив прифативме, иако бевме свесни дека часовите ќе ги одржуваме онлајн. Првиот час кој ни беше запознавање со професорот и учениците од другиот клас ни помина маестрално. Бидејќи овие часови ни беа одржувани на некој начин виртуелно, самото дружење беше виртуелно, но од мој аспект како индивидуа можам само најискрено да кажам дека часовите ни одеа во најдобар ред. Со нашите нови другари заеднички вложувавме напори и ги сработувавме задачите, водевме дебата за различни проблеми и теми. Тие часови ми беа едноставно како за релаксирање, но и многу работи научивме и заеднички стекнавме и добивме одговори на многу прашања и дилеми за кои сум размислувал. Така да, полека но успешно ние како матуранти ја завршивме и оваа учебна година.
Се надевам дека овој проект ќе се одржува уште многу долго, бидејќи е едно огромно искуство што би им го препорачал на идните генерации од причина што сами не можеме ништо, но заеднички сплотени можеме многу, многу повеќе. Исклучувајќи го чувството на дискриминација со слога се гради и куќа.