PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаења

2465

Партнер и поддржан од: Факултет за образование од Цирих
Времетраење: јануари 2019  – декември 2022
Цел: Да се ​​придонесе кон мирен соживот на различни етнички групи преку поттикнување на животни вештини во училницата

Соработката помеѓу Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), Бирото за развој на образованието (БРО) и Факултетот за образование од Цирих започна во 2017 година со проектот Децата и семејството во образованието (ДИСО). ДИСО е образовна програма заснована на животни вештини која беше воведена во 7 пилот училишта во Северна Македонија. Таа имаше за цел да ги поддржи децата од ранливи групи, особено децата Роми, да станат свесни за своите компетенции и вештини. Со активно предавање на животните вештини и компетенции на учениците, проектот работеше на  подигнување на нивната самодоверба помагајќи им да ја препознаат вредноста на училиштето и образованието. Факултетот за образование од Цирих обезбеди обука за 30-45 наставници во пилот училиштата. Материјалите и пристапот беа добро прифатени од страна на учениците и наставниците.

Проектот PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаења претставува продолжение на проектот Децата и семејството во образованието (ДИСО). Со овој проект ќе се воведе дополнителен материјал за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права и медиумски компетенции.

Во соработка со Факултетот за образование од Цирих ќе биде развиен модул за обуки за студенти – идни наставници и модул за обуки за искусни наставници. Ова се очекува да има ефект не само на учениците во училиштата, туку и на наставата и начинот на учење на наставниците кои ќе ја спроведуваат програмата за време на часовите.

Материјалите од проектот ДИСО ќе бидат основа за обуките. Тие ќе бидат надополнети со други наставни материјали развиени од страна на Факултетот за образование од Цирих, опфаќајки теми како што се животни вештини, кариерен развој и медиумски компетенции. Ќе се подготви прирачник за наставници за да се обезбеди потребната поддршка во секојдневната настава.