Зајакнати капацитетите на ментори за ученички иницијативи во средни стручни училишта

335
Во втората половина на август се одржа работилница за ментори за ученички иницијативи во средни стручни училишта, во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, а во соработка со Центарот за стручно образование и обука (ЦСОО) и Младински образовен форум. На работилницата учествуваа 15 ментори (претставници од ЦСОО и практичари од училиштата во државата) кои во текот на учебната 2021/2022 година ќе ги поддржуваат училишните тимови од 75 средни стручни училишта при спроведувањето на ученички иницијативи и Денови за граѓанско образование. 

Учесниците на работилницата разговараа за важноста на сеопфатниот пристап при развојот на граѓанските компетенции кај учениците, процесот на спроведување ученички иницијативи и улогата на училишното раководство и стручната служба во поттикнувањето на демократска клима во училиштето и соработка со локалната заедница. Како клучна тема се издвои потребата за поддршка на учениците и помош од повеќе засегнати страни (училиштето, родителите, општината, бизнис секторот, итн.) при спроведувањето активности за позитивна промена во заедницата.

При тоа, учесниците на работилницата се запознаа и со фазите низ кои е потребно да помине една ученичка иницијатива за успешно да придонесе кон развојот на граѓанските компетенции на учениците, како и со можностите за спроведување на активностите од далечина, со физичко присуство и со комбиниран пристап. Разгледани беа и повеќе практични примери од училиштата кои во претходните две учебни години спроведуваа ученички иницијативи, со цел истакнување на позитивните искуства и детектирање на потенцијалните предизвици.

Во текот на работилницата, менторите се здобија со вештини за успешно поддржување на училишните тимови при спроведувањето ученички иницијативи, како и корисни материјали за насочување на училиштата кон градење училишни политики и современи цели за развој на демократската клима. Според учесниците, работилницата им овозможи да стекнат нови знаења за спроведувањето ученички иницијативи и да ги споделат досегашните искуства и идеи со своите колеги-ментори. 

По работилницата, учесниците ќе одржат работилници со училишните тимови кои ќе ги поддржуваат во учебната 2021/2022 година за успешно спроведување ученички иницијативи и организирање Денови за граѓанско образование.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.