Учениците од Access програмата ги развиваат своите животни вештини

121
Преку интерактивни, продуктивни и забавни воннаставни активности, повеќе од 200 ученици кои се дел од Програмата Access – Микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Скопје, учат нови работи и ги развиваат своите лични и животни вештини. Дел од овие активности се и онлајн разговорите кои се случуваат секој четврток со различни интересни гости кои ја презентираат својата животна приказна и порака до учениците.

За време на една од овие онлајн средби, учениците добија можност да дискутираат за нивните планови за иднината, како и идеите и предизвиците со кои се соочуваат како млади луѓе. Тие ги презентираа нивните соништа за иднината откако ќе завршат средно образование. Од успешен форензичар, борец за зачувување на човековите вредности и заштита на планетата Земја до волонтери низ светот и писателка на романи, нивните идеи беа различни и креативни.

Најважно е да веруваме во себе и во нашиот сон бидејќи така ништо нема да може да не сопре. Сакам да ги охрабрам сите да си најдат сон и да го следат додека не го остварат,” вели ученичката Ермира.

Понатаму, учениците дискутираа и за тешкотиите поради кризната состојба со КОВИД-19 и неможноста да се дружат и често да излегуваат надвор. Но, се осврнаа и на позитивните страни на учењето на далечина како имањето повеќе време и можност да ги посетуваат часовите без да употребуваат транспортни средства. Меѓу останатите теми на средбата беа нивните интереси, важноста од вежбањето и спортувањето како и нивните омилени активности во слободното време и неуспесите кои се составен дел од животот.

Луѓето учат преку нивните падови. Затоа не се откажувајте и продолжете да сонувате и да ги остварувате вашите соништа,” им порача на учениците Борка Танеска од Амбасадата на САД во Скопје.

Дружејќи се и разменувајќи мислења, тие го зајакнаа своето аргументирано говорење на англиски јазик и нивните вештини за презентирање, говорење во јавност и дебатирање. На овој начин тие имаат можност да ги подобрат и нивните академски достигнувања.

Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.