Средношколците од „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“ и „Здравко Цветковски“ од Град Скопје учествуваа во заеднички часови преку учење од далечина

479
Кризната состојба не ги запре заедничките часови во средните училишта во Град Скопје. Средношколците од АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Димитар Влахов“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“ кои учат на различни наставни јазици, со нивните наставници ги продолжија заедничките активности преку дигитални платформи. Овие часови се одлична можност за младите од различни етнички заедници да соработуваат и да се дружат додека обработуваат различни теми.

Учениците работеа на повеќе интересни активности. Паровите наставници во АСУЦ „Боро Петрушевски“ го прилагодија наставниот материјал за дигитални алатки, покажувајќи им на учениците како да ги употребуваат истите. Така, техничкото цртање со програмот CAD (Computer-Aided Design) за машинската и сообраќајната група стана уште позабавно и истовремено сите ученици се вклучија и ги изработуваа цртежите. На друг заеднички час, по англиски јазик, тие го збогатија својот вокабулар и пишуваа есеи за здрава исхрана и професионални занимања кои потоа ги споделија со наставниците и ги анализираа преку дигиталните комуникациски платформи.

Како се прави педикир на правилен начин? По предметите практична настава за образовните профили естетичар за нега на раце и нозе и практична настава за козметички техничар, средношколците од СУГС „Димитар Влахов“ го повторија материјалот на двата наставни јазици и со нивните наставници дискутираа за педикирот и масирање на стапалата.

Иако одржувањето на спортски натпревари е одложено поради кризната состојба со КОВИД-19, на часот по спорт и спортски активности, тие заедно гледаа кратки делови од финалето во Лигата на Шампиони од 2019 година. Во спортски дух, ги анализираа статистиките и факторите од кои зависи кој тим ќе победи, а кој ќе изгуби, дружејќи се и учејќи повеќе нови зборови на двата наставни јазици.

Иако предметите по кои се одржуваат заеднички часови во СГГУГС „Здравко Цветковски“ предвидуваат повеќе теренска работа, паровите наставници што предаваат практична настава во наставниот смер архитектура успеаја да изнајдат неколку интересни начини за одржување на заедничките часови од далечина. Тие воспоставија онлајн комуникација со учениците од двете паралелки и со помош на социјалните медиуми и дигиталните платформи за комуникација им задаваа задачи кои учениците заеднички ги решаваа во групи за на крај да ги презентираат пред нив.

Новите начини за учење од далечина продолжија да ги зближуваат младите кои учат на различни наставни јазици и да ја продлабочуваат нивната меѓусебна соработка.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.