Средби со средните скопски училишта за спроведување на заеднички часови

385
Во изминатиот период, се одржаа средби со директори, наставници и координатори на училишните тимови за интеграција во седумте училишта кои спроведуваат заеднички часови „Арсени Јовков“, „Здравко Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“, „Јосип Броз-Тито“ и „Владо Тасевски“. Овие часови се поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО), Град Скопје и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

За време на овие средби, присутните дискутираа за процесот на имплементација на заедничките часови и потребите на наставниците за ефикасно спроведување на истите. Беа споделени и искуства и предизвици со кои тие се соочуваат.

Во првото полугодие на оваа учебна 2020/2021 година, се реализираа 177 заеднички часови по различни предмети. Преку нив, 580 ученици од различни етнички заедници се запознаа подобро и ги зајакнаа нивните граѓански и демократски вредности.

Поради тоа што оваа година наставниот процес се одвива преку учење на далечина, на училиштата им беше обезбедена техничка поддршка во рамки на проектот.

Во периодот што следува, наставниците кои спроведуваат заеднички часови ќе учествуваат на повеќе обуки за градење на капацитети со што ќе ги продлабочат нивните знаења за употреба на дигитални алатки во наставата, воспоставување на добра комуникација и соработка помеѓу учениците и слични активности кои се корисни за успешна реализација на заедничките часови.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.