Споделување на финските образовни искуства за градење на демократска училишна клима

55
На крајот на септември, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, беше организирана посета од страна на консултантки од Финска кои одржаа обука со преставници од образовниот процес во нашата држава.

Целта на обуката беше да се развијат идеи за тоа како да се изгради демократска училишна клима и систематски да се проценува напредокот постигнат во училиштата. Обуката го комбинираше финското искуство со Концептот за граѓанско образование, развиен во рамки на нашето основно образование. Воедно, придонесе кон развивање на методологија и алатка за проценка на партиципативната клима во училиштата.

Преку работа во групи и интерактивна дискусија, учесниците имаа шанса да ги унапредат своите знаења за одредени термини и да споделат нивни искуства за демократско однесување за време на наставата.

Темите кои беа дискутирани вклучуваа финска филозофија на образование, начините за зголемување на учеството на учениците во училиштето, вклучително и начините за развој на работата на Ученичкиот парламент, вградувањето на инклузијата, соработката со пошироката заедница и медиумската писменост како дел од училишната култура.

„Се здобивме со многу нови сознанија. Иаку обучувачките доаѓаат од сосема поинаква средина, имаа чувство за нашата средина и излегуваа во пресрет на нашите коментари. Присутна беше интеракција во пар, група, на ниво на учесници и обучувачи. Се потврди дека има потреба од континуирано следење на развојот на демократските компетенции кај учениците не само на часовите по граѓанско образование туку и на часовите по другите наставни предмети“, велат учесниците на обуката.

Консултантките имаа средба и со Министерството за образование и наука каде ги споделија своите искуства, а и го посетија основното училиште „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци, Гази Баба каде одблизу се запознаа со начинот на кој се реализира образовниот процес во нашата држава и разменија добри практики.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.