Специјален гостин на заедничкиот онлајн час на учениците од Access програмата

136
Часовите по англиски јазик кои се дел од Програмата Access – Микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Скопје, продолжуваат да се одржуваат од далечина преку дигитални платформи. 150 средношколци од градовите Скопје, Тетово, Куманово, Кичево и Гостивар учествуваат во интересни и продуктивни дигитални активности за унапредување на нивните лични вештини и знаења за англиски јазик.

На 4 мај 2020, на нивниот заеднички онлајн час на кој се споија сите ученици од програмата, тие се запознаа со актерот Дритон Вејсели, познат како Талат од познатата македонска серија Преспав. Средношколците слушнаа за неговата љубов кон актерството, што го мотивирало да стане актер, кое му е најубавото искуство, кои се неговите желби, со кого би одел на пуст остров, каква супер моќ сака да има и слично. Сите заедно се забавуваа поставувајќи му прашања и дискутирајќи ги одговорите.

Нивната креативност се покажа на дело кога учениците презентираа интересни портрети од актерот кои ги нацртале за да го изненадат. За да ја направи средбата уште позабавна, тој имитираше кратка сцена од серијата и на учениците им сподели фотографија од неговото детство.

Бидете свои без оглед на сè. Не дозволувајте други да влијаат на вашиот живот и начин на размислување. Кога бев млад прво се трудев да се усреќам себеси, а потоа другите,“ им порача Дритон. Поттикнати од неговите искрени одговори и учениците разменија креативни идеи за тоа како го поминуваат времето дома и објаснија како и каде наоѓаат инспирација.

Тие и понатаму продолжуваат со активностите преку дигитални алатки и платформи преку кои ги развиваат своите вештини за англиски јазик, дискутираат за интересни теми поврзани со американската култура и започнуваат свои кампањи за заштита на здравјето за време на глобална пандемија.

Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.