Разиграно со ДИСО во ОУ „Кирил и Методиј“ – Тетово

23
Во октомври, Дорис Кун, претставничка од Универзитетот за образование на наставници од Цирих, Швајцарија ја посети нашата држава, со цел следење на дел од активностите во рамки на Проектот PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаења.

Таа го посети основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово каде успешно се реализираа активности за градење на животни вештини на учениците во рамки на програмата Децата и семејствата во образованието – ДИСО. ДИСО има за цел да го поддржи развојот на животните вештини и компетенциите на децата и вклучува активно учество на учениците преку игри и задачи што се интегрираат во наставните содржини.

За време на часовите, гостинката од Швајцарија и претставниците од Бирото за развој на образованието и Македонскиот центар за граѓанско образование имаа можност да ја почувствуваат атмосферата во училница, исполнета со интерес, ентузијазам и радост од страна на учениците при реализација на темите од програмата.

При посетата во училиштето, вклучените наставници добија и примероци од прирачниците за ДИСО и „Личен развој на учениците“, обезбедени преку проектот. Прирачниците се исто така достапни во електронска форма на следниот линк – https://ipe-textbooks.phzh.ch/

Во следниот период, учениците ќе учествуваат во интересни иницијативи и активности преку кои ќе имаат можност да ги зајакнат нивните вештини и компетенции.

Програмата ДИСО се реализира во рамки на проектот PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаења, поддржан од Универзитетот за образование на наставници од Цирих, Швајцарија, а во имплементација на МЦГО во партнерство со Бирото за развој на образованието.