Посета на реновираното ОУ „Никола Вапцаров“ во Општина Чаир

183
На 19 февруари, 2020 година, се одржа промотивен настан по повод реновирањето на ОУ „Никола Вапцаров“ во Општина Чаир, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Со финансиска поддршка од Европската команда на САД (ЕУКОМ), се поставија нови врати во сите училници и се реновираа ѕидовите во холовите, додека пак општината и училиштето заедно со приватниот сектор учествуваа во реновирањето на други училишни простории.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, директорката на училиштето, Мерита Коџаџику и мајор Патрик Енрикез, претставник на Канцеларијата за одбранбена соработка на САД се обратија на присутните и ја потенцираа важноста на меѓусебната соработка за унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, истакна дека инвестирањето во квалитетно образование е најважната инвестиција. „Можеме да постигнеме квалитетно образование само кога сите деца одат на училиште и се стекнуваат со знаење. Инклузијата и меѓуетничката интеграција, негувањето хармонични односи кои се темелат на почитување на различностите се всушност дел од приоритетите на Министерството за образование и се меѓу основните начела и во новиот Закон за основно образование“, рече тој.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, ја изрази заложбата на општината за обезбедување на соодветни услови за престој и учење на учениците.

„Ова не беше едностран проект, речиси половина од финансиската поддршка беше обезбедена од буџетите на училиштето и општината. Честитки за сите вас“, додаде мајор Патрик Енрикез, претставник на Канцеларијата за одбранбена соработка на САД.

Во реновирањето учествуваше и приватниот сектор со целосно реновирање на канцеларијата на наставниците. Со ова, училиштето, општината и приватниот сектор учествуваа со повеќе од 50% во трошоците за реновирање. По реновирањето, околу 800 ученици и наставници имаат подобри услови за настава и работа. Со заменетите врати е зголемена безбедноста и звучната изолација на училниците додека реновираните ѕидови во ходниците придонесуваат за поголема хигиена и поубав изглед на училиштето.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.