Посета на реновираното ОУ „Аврам Писевски“ во с. Бардовци, Карпош

1233
За да се запознаат со активностите за реновирање на тоалетите во ОУ „Аврам Писевски“ во село Бардовци, Општина Карпош, на 31 јануари, 2020 година, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, мајор Патрик Енрикез, претставник на Канцеларијата за одбранбена соработка на САД и Игор Кралев, претставник на Европската команда на САД (ЕУКОМ) заедно го посетија училиштето. Реновирањето на тоалетите се реализираше во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, со финансиска поддршка од Европската Команда на САД (ЕУКОМ).

За време на посетата, присутните одблизу ги видоа реновираните тоалети и се запознаа со ученици за време на нивниот час по Граѓанско образование.

Мајор Патрик Енрикез, претставник на Канцеларијата за одбранбена соработка на САД, смета дека многу области во државата немаат доволно ресурси и можности, што го отежнува учењето за учениците и предавањето на наставниците во таква средина. Тој беше задоволен што гледа подобрување на состојбата во основното училиште „Аврам Писевски“ и ја потенцираше важноста на партнерството помеѓу општината и училиштето за обезбедување на соодветни услови за учење и работа.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, ја изрази заложбата на општината за подобрување на условите за престој и учење на учениците во училиштето, како и за подобрување на квалитетот на наставата. Тој потенцираше дека во реконструкцијата Општина Карпош учествуваше со инсталирање на надворешна канализациона мрежа во дворот на училиштето, адаптација на тоалет и уредување на сензорна соба за деца со пречки во развојот.

Со реновирањето, за околу 270 ученици и наставници се обезбедија подобри услови за настава и работа. За да има долгорочни придобивки од реновирањето, техничкиот персонал на училиштето беше обучен за одржување на училишниот објект и справување со кризи како земјотрес, пожар или поплава, а воедно им беше доделена и опрема за одржување на објектот и хигиена во училиштето.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.