Поголем опфат преку навремено ажурирање на списоците за деца на училишна возраст во основното образование

73
Во јули оваа година беше потпишан Меморандум за соработка за обезбедување ефикасна и ефективна размена на податоци за идентификација на децата на училишна возраст од страна на шест институции: Министерството за образование и наука; Министерството за внатрешни работи; Министерството за труд и социјална политика; Министерството за локална самоуправа; Државниот просветен инспекторат и Управата за водење на матични книги.

Меморандумот има за цел да го зголеми опфатот на децата во училиштата преку ефикасна, ефективна и безбедна размена на податоци за децата на училишна возраст помеѓу институциите на централно ниво, општините и училиштата.

Процесот на изготвување и потпишување на меморандумот за соработка беше поддржан од страна на проектот „Инклузија на деца што се надвор од училиштата во образовниот систем“, имплементиран од МЦГО во партнерство со Министерството за образование и наука, а со поддршка од Детската фондација Песталоци од Швајцарија.

Оваа иницијатива претставува одговор на наодите од истражувањето „Инклузија на децата што се надвор од училиштата“ спроведено во 12 општини во државата во 2017 година, каде е идентификувано дека податоците во списоците што ги добиваат општините и училиштата за деца што се на училишна возраст, често не се ажурирани, со што на училиштата им се отежнува работата околу опфатот односно запишувањето на децата што се на училишна возраст во основното образование. Заради  неусогласеноста на податоците од училиштата за незапишаните деца и состојбите на теренот, утврдено е дека значителен број деца за кои училиштата имале податоци не биле на посочените адреси, а имало многу деца што не постоеле во училишната евиденција.

Преку стапувањето на сила на Меморадумот и дефинираните одговорности на институциите – потписници, се очекува значително да се подобри ажурирањето на податоци за децата на училишна возраст, а со тоа да се зголеми и опфатот на деца во основното образование.

Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, финансиран од Детската Фондација Песталоци.