Подобрени Индикаторите за квалитет на работа на училиштата

778
Кон крајот на февруари, 2020 година, Државниот просветен инспекторат ги презентираше промените во процесот на интегрална евалуација пред сите државни и овластени просветни инспектори. Промотивниот настан се организираше со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

За време на настанот, директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски им се обрати на присутните и ја потенцираше важноста на континуираното подобрување на квалитетот на образовниот процес.

Промените во Индикаторите за квалитет на работа на училиштата (ИКРУ) и Прирачникот за интегрална евалуација ги отсликуваат промените во новиот Закон за основно образование и Закон за наставници и стручни соработници, а се однесуваат на меѓуетничка интеграција во образованието, инклузивно образование, младинско учество и воведување ученички парламент.

Државниот просветен инспекторат ги подобри и инструментите за интегрална евалуација што инспекторите ќе ги користат за да ги поддржат училиштата во секојдневното работење и спроведување на активности коишто ја зајакнуваат кохезијата меѓу младите од различни етнички заедници.

Промените се резултат на подолгорочен процес поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.