Овозможена е инклузија на деца кои не биле вклучени во наставата, а се со надмината возраст

69
Концепцијата за инклузивно образование, која дава насоки како да се спроведе во пракса инклузивното образование во нашиот општествен систем беше донесена од страна на Министерот за образование и наука во јули оваа година. Концепцијата го опфаќа вклучувањето, развојот и образованието на различни групи ученици со посебни образовни потреби, меѓу кои и децата/учениците кои не биле вклучени во наставата, а се со надмината возраст. Проектот „Инклузија на деца што се надвор од училиштата во образовниот систем“, имплементиран од страна на МЦГО во партнерство со МОН, а со поддршка од Детската фондација Песталоци од Швајцарија, обезбеди поддршка во процесот на изготвување на делот од Концепцијата што се однесува на инклузија на децата со надмината возраст. За децата кои не биле вклучени во настава, а се со надмината возрасна граница, со новиот закон за основното образование од 2019 год. предвидено е да се изготват прилагодени наставни програми со кои ќе се овозможи нивно вклучување во соодветно одделение на основно образование. Проектот, исто така, го поддржува изготвувањето на прилагодените наставни програми од страна на БРО, кои се во процес на изработка.

Донесувањето на Концепцијата за инклузивно образование и изготвувањето на прилагодените наставни програми се значајни чекори за надминување на пречките за инклузија на децата/учениците со надмината возраст. Досега, заради недостиг од скратени наставни програми, постоеше проблем за организирање и изведување настава за оние деца кои поради различни причини не успеале навреме да се запишат, а возраста го отежнува нивното вклучување во постојните паралелки со редовните програми. Училиштата имаа потешкотии со вклучување во наставата на деца што не се запишале на време, а се на возраст од над 9 години (во редовните паралелки од прво одделение).

Според Концепцијата, имајќи предвид повеќе фактори, пред сѐ, дека учениците со надмината возраст не се чувствуваат вклучени во средината доколку не се во паралелка со други ученици на нивна или приближна возраст, или пак, дека во зависност од возраста на учениците различно се усвојуваат знаењата и вештините во училиштето, во интерес на учениците потребно е да се најде најсоодветното решение за вклучување на овие ученци во училиштето. Меѓу конкретните насоки за инклузија на учениците со надмината возраст дадени во Концепцијата се и следните:

 – Доколку ученикот, до неговото запишување во училиштето, вооопшто не посетувал настава (не бил запишан во училиште), го започнува своето образование согласно наставните програми од прво одделение. Меѓутоа, во зависност од возраста на ученикот, тој/таа наставата ќе ја следи заедно со ученици на своја или приближно своја возраст и ќе биде вклучен во паралелка, и тоа:

  • во првиот период на основното училиште (се вклучуваат ученици до 10 години, при што училиштето ќе се води по принципот најголемата разлика меѓу ученикот што се вклучува и другите ученици да не е поголема од 2 години) и
  • во вториот период на основното училиште (се вклучуваат ученици до 15 години, повторно водејќи сметка разликата во години помеѓу ученикот што се вклучува и редовните ученици да не надминува 2, одосно 3 години доколку е вклучен во шесто одделение).

 – Во една учебна година, ученикот со надмината возраст, доколку покажува успех и резултати може да добие потврда за завршени две одделенија по прилагодените наставни програми. Тој/таа продолжува да ја следи наставата во истата паралелка во која е распределен.

Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, финансиран од Детската Фондација Песталоци.